Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) се најде на 1.990-то место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, што ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).
Станува збор за ранг-листа која CWUR ја објавува секоја година, а при рангирањето универзитетите и колеџите ги оценува според четири мерки: образование, можност за вработување, настава и истражување. Годинава биле рангирани вкупно 20.531 високообразовна институција, а од нив најдобрите 2.000 се најдоа на листата.
Во споредба со минатата година, кога се најде на 1.964-та позиција, УКИМ годинава бележи пад од 26 места, а ако се направи споредба со 2021 година, тогаш падот е од 46 места.
За само четири години, УКИМ на листата на CWUR паднал за дури 174 места. Доколку трендот на паѓање продолжи, може да се очекува дека догодина УКИМ сосема ќе исчезне од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот.
Од земјите од соседството, Србија и годинава има четири претставници меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет кој се најде на 362-то место, што е пад од 12 позиции во однос на лани. Од Бугарија се рангирани два универзитета, од Грција 12, а од Хрватска 4.
На листата и годинава не се најде ниту една високообразовна установа од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Трите најдобро рангирани универзитети во светот според листата на CWUR се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд, сите од САД. Всушност, САД доминираат на листата на CWUR. Меѓу најдобрите 20 универзитети во светот, 16 се американски, три се британски, а еден е јапонски.
Новиот пад на листата, според универзитетскиот професор Тони Дескоски, претставува голем пораз.
„Вчера дознавме дека УКИМ има нов пад од 26 места на ранг листата на CWUR, при што од 1964 сме паднале на 1990 место. Уште полошо е што падот е континуиран од 2019 година, и е за 174 места. Но, има еден уште попоразителен податок. Не само што сме зад Белград (362), Љубљана (428) и Загреб (528), туку сме и зад Сплит (837), Марибор (1087), Нови Сад (1114), Ријека (1588), Крагујевац (1605), Ниш (1688) и Осијек (1925). За сите самобендисани и умислени величини треба да е јасно дека кога одиме на Конференции и објавуваме во списанија во Ниш, Крагујевац, Осијек…. всушност одиме на повисоко рангирани универзитети. И еве една цел за идниот Ректор на УКИМ: да не испаднеме од ранг листата на најдобри 2000 универзитети на CWUR. (што ќе биде тешко, ако се има предвид постојниот тренд). Таа цел сигурно не можат да ја остварат оние кандидати што седеа во Ректоратот во изминативе години“, напиша Дескоски на Фејсбук.