Сопругата на актерот Лу Ферињо (71), познат по улогата во „The Incredible Hulk“, поднесе барање за развод по 43 години брак, тврдејќи во документите дека тој се фали со својата љубовница додека неа ја држи заробена во насилен брак и ја контролира откако и е дијагностицирана деменција. Судските списи потврдуваат дека на Карла Ферињо (71) и е дијагностицирана деменција, но нејзиниот адвокат и лекар истакнуваат дека таа со години ја изразувала својата желба за развод и дека може да ја разбере таа одлука.
Сопругата на славниот актер поднела барање за развод пред судот во Калифорнија, тврдејќи дека сака да ја спречи неговата намера да преземе контрола над нејзините бизниси.
Лу Ферињо пред судот изјавил дека болеста на неговата сопруга напредувала и ја обвинил нивната ќерка (42) за „злоставување на постари лица“ затоа што се обидела да ја однесе мајка си во банка, за Карла да може да повлече 500.000 долари. Како одговор, Карла сега го тужи нејзиниот сопруг затоа што тајно ја презел контролата врз нивните заеднички финансии и ја држел физички изолирана за да ја спречи да се разведе од него.
Во документите се истакнува дека актерот има вонбрачна врска со жена по име Лиза, „со која го поминува поголемиот дел од своето време, патува насекаде и се фали со неа, дури и пред Карла во нивната куќа“.
„Иако неговото неверство можеби не е злоставување, кога ќе се налутам на него затоа што таа е наоколу, тој ме заплашува, ми се внесува в лице и го користи фактот дека е многу поголем од мене, ме потсетува на тоа дека тој е Хулк, а јас сум ситна, ме плаши и ме тера да му се покорувам“, истакнала таа и додала дека сопругот и вика, и кажува ужасни работи – меѓу другото, дека му го уништила животот и дека не ја сака.
Лу Ферињо е поранешен бодибилдер кој се натпреваруваше против Арнолд Шварценегер. Неговиот адвокат изјави дека најважно за актерот е неговата сопруга да е добро:
„Сите забрани за приоѓање кои неодамна беа споменати во медиумите, се суспендирани врз основа на нивниот договор. Лу и Кара се согласија на посредување преку адвокат и Лу се надева дека може да се постигне решение. Тој бара приватност за сите членови на семејството на оваа време“.
Од друга страна, адвокатите на Карла рекле дека актерот смислил макијавелистички план да ја задржи сопругата во брак и да го контролира нивното богатство, кое вклучува и вила од 2,9 милиони долари во Калифорнија, купена во 2019 година. Според законот во Калифорнија, целиот имот стекнат или купен за време на бракот подеднакво се дели помеѓу сопружниците.
На виделина излегоа и пораките на актерот и неговата ќерка во кои тој и пишува дека Карла една година бара развод.
„Таа може да ми ја одземе куќата, сака да ми го одземе убавиот дом“, се жали тој во тие пораки.