Судот во американската сојузна држава Њујорк во средата започна прелиминарна истрага за „неверојатните лаги“ на републиканскиот претставник неодамна избран во американскиот Конгрес, кој призна дека лажел за својата биографија, поради што од него се бара да поднесе оставка.
Џорџ Сантос, кој го освои демократското место во округот Насау на парламентарните избори на 8 ноември – дел од Лонг Ајленд во источниот дел на Њујорк – во понеделникот призна дека „ја разубавил својата биографија“. „Многу лаги и противречности околу новоизбраниот пратеник (Џорџ) Сантос се едноставно неверојатни“, рече окружниот обвинител на округот Насау, Ен Донели во изјавата пренесена од њујоршкиот печат. Никој не е над законот и доколку се направи кривично дело во оваа област ќе поднесеме тужба“, најави обвинителот.
Сантос призна дека никогаш не работел за големите американски банки Голдман Сакс и Ситигруп и дека нема диплома од Универзитетот во Њујорк (NYU), како што навел во својата биографија.
Сепак, овој син на бразилски имигранти роден во Квинс, Њујорк, цврсто ја отфрла идејата да поднесе оставка од својата функција во Претставничкиот дом, која треба да ја преземе на 3 јануари. Тој за New York Post изјави дека „не е криминалец“.
Неточни информации во неговата биографија беа откриени во декември од истрагата на Њујорк Тајмс.
Неколку членови на Демократската партија го повикаа лидерот на републиканската опозиција Кевин Мекарти да одржи гласање за смена на Сантос доколку одбие да поднесе оставка.
На среднорочните избори во државата Њујорк во ноември, републиканците освоија неколку места од демократите во Претставничкиот дом. Оваа сојузна држава е традиционално упориште на Демократската партија и е предводена од Кети Хочул, членка на таа партија. Така, републиканците сега имаат тенко мнозинство во Долниот дом на Конгресот во Вашингтон, а демократите го задржуваат мнозинството во Сенатот.