Кампањата на актуелниот американски претседател Џо Бајден објави графика која директно ги споредува Доналд Трамп и Адолф Хитлер. Графиката, споделена во објава на Твитер, означува уште поагресивен тон во кампањата на Бајден, во обид да го поврзе неговиот веројатен републикански противник на општите избори со нацистичкиот лидер.
На графиката се наведени три цитати од 45-тиот американски претседател заедно со изјавите на нацистичкиот водач.
„Ќе ги искорениме политичките противници кои живеат како штетници во нашата земја“ – се вели во првиот цитат на Трамп. Тие го поврзуваат гореспоменатиот говор со изјавата на Хитлер дека „Евреите се штетници кои мора да бидат истребени“.
„Имигрантите ја трујат крвта на нашата земја“ – е следната изјава на Трамп. Тимот на Бајден неа ја споредува со тезата на Хитлер дека „контаминацијата на крвта од инфериорна раса ќе доведе до пропаст на Германија“.
„Моите политички противници во нашата земја се многу полоши од диктаторите во Русија и Северна Кореја“, е третата изјава на Трамп. Луѓето на Бајден прават паралела со пораката на Хитлер: „Сите мора да го препознаеме поголемиот внатрешен непријател во Германија“.
Споредувањето на политичкиот противник со Хитлер некогаш било речиси забрането во политичките кампањи, пишува Politico. Сепак, тоа стана рутина за кампањата на Бајден, која се обидува да се оправда со фактот дека некои историчари рекоа дека има сличности меѓу Трамп и реториката на фашистичките лидери.
Кампањата на Бајден неколкупати ги поврзуваше изјавите на Трамп со Хитлер во изминатите неколку недели и ги повика новинарите внимателно да ги разгледаат говорите на поранешниот претседател, особено за имиграцијата.
„Ова не е случајно“ – посочуваа од тимот на Бајден.
Трамп се потсмеа на споредбите. На митингот во вторникот, тој повтори дека имигрантите „ја уништуваат крвта на земјата“ и додаде дека никогаш не го прочитал „Mein Kampf“, манифестот на Хитлер.
Таборот на Бајден не мисли дека Трамп ја кажа вистината.
„Тогаш веројатно слушал аудиокнига“ – одговори советникот на Бајден, Т.Џ. Дакло во објава на Твитер.
Иако Бајден беше повнимателен во однос на извлекувањето јасни споредби меѓу Трамп и Хитлер во неговите јавни изјави, во последниве денови тој сѐ почесто ја користи токму таа реторика. На собирот за донации во вторникот вечерта, Бајден истакна дека јазикот што го користи Трамп „потсетува на јазикот што дојде од Германија во 30-те години“.
-Тој ги нарече „штетници“ оние што му се противат. Викендов зборуваше за труење на „крвта на нашата земја“.
Дури и конзервативните републиканци се изјаснија против тоа – рече Бајден.