Јапонските научници се подготвени да започнат испитувања на луѓе за терапија која може да го поттикне повторното растење на забите.
Клиничките испитувања ќе започнат во 2024 година, а терапијата за регенерација на забите би можела да биде готова за луѓето веќе во 2030 година, пишуваат јапонските медиуми.
Уште во 2021 година, тим од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Кјото објави ветувачко истражување кое покажува дека протеинот наречен USAG-1 го ограничува растот на забите кај глувците. Со исклучување на генот кој го шифрира производството на протеинот, глувците можеа повторно да ги растат своите изгубени заби.
Тие потоа можеа да создадат терапија со лекови за неутрализирање на антителата која можеше да ја блокира функцијата на протеинот, стимулирајќи го растот на нови заби кај глувците. Подоцнежните експерименти ги покажаа истите придобивки кај порове, кои имаат послична шема на забите со луѓето, пренесува IFL Science.
Студиите врз животни се добри за рано истражување, но тимот сега сака да види дали третманот функционира добро кај луѓето. Како што објави јапонскиот весник Mainichi, клиничките испитувања треба да започнат во јули 2024 година.
„Идејата за растење на нови заби е сон на секој стоматолог. Работев на ова уште од кога бев дипломиран студент. Бев уверен дека ќе можам да го постигнам тоа“, изјави за весникот Кацу Такахаши, раководител на Одделот за орална хирургија во болницата Китано во Институтот за медицински истражувања во Осака.
„Се надеваме дека ќе го отвориме патот за клиничка употреба на оваа терапија“, додаде тој.
Губењето на забите не е поврзано само со постарите, се случува и кај младите, а причините се многубројни. Ова може да има големо влијание врз квалитетот на животот на една личност и може сериозно да ја загрози способноста за варење на храната, бидејќи варењето всушност започнува во усната шуплина преку процесот на преработка на храната, а за тоа ви се потребни заби. Дополнително, се менува и физиономијата на лицето на личноста, сè помалку се дружи, престанува да се смее…
Теоретски, овој нов третман што се развива во Јапонија би можел да им овозможи на луѓето повторно да растат изгубени заби, исто како што на децата им растат трајни заби откако ќе им паднат млечните заби.
Истражувачите го опишаа новиот процес како поттикнување на „трета генерација“ на регенерација на забите, при што првата генерација е ерупција на млечните заби, а втората на трајните заби подоцна во детството.