Некогаш најдобрата тенисерка во светот, денес 66-годишната Мартина Навратилова, објави дека ја победила тешката болест. Таа со олеснување ја сподели веста со своите следбеници на социјалните мрежи
„По цел ден тестирање во Слоун Кетеринг, сè е добро! Благодарам на сите лекари, медицински сестри, магионичари за протони и зрачење – какво олеснување“, напиша на Твитер.
Победничката на 59 Грен слем турнири во поединечна конкуренција и во двојки, во јануари објави дека и е дијагностициран рак на грлото во првата фаза и рак на дојка во рана фаза и дека веднаш ќе започне со лекување.
– Овој двоен удар е сериозен, но сепак може да се поправи и се надевам на поволен исход. Нема да ми биде пријатно некое време, но ќе се борам со се што имам, изјави поранешната тенисерка.
Навратилова јавно зборуваше за својата болест и за нејзината борба да се излечи и повторно да застане на свои нозе.
– Која беше алтернативата? Да се откажам? Да се предадам? Да застанам? Тоа едноставно не е опција за мене… Откажувањето едноставно не е во мојата ДНК – рече Мартина Навратилова во едно од нејзините интервјуа откако и беше дијагностициран ракот.
На славната тенисерка уште во 2010 година и беше дијагностициран неинвазивен рак и објави дека е излечена по операцијата и зрачењето. По 13 години, повторно доби загрижувачка дијагноза, но и од таа битка Мартина успеа да излезе како победник
Навратилова се повлече од настапите во поединечна конкуренција во професионалниот тенис во 1994 година, со неверојатни 167 победи на турнирите и 331 седмица на врвот на ВТА листата.