Документарен филм со Македонеци кои отишле во Русија да бараат жени е една од првите содржини пуштени на телевизијата „Вистел“ на владиката Петар, која денеска почна да зрачи во етерот, објави Макфакс.
Во еден дел од документарецот се појавува и самиот владика Петар, и меѓу другото вели:
„Нашиот македонскиот народ може да го спаси исклучиво жената“.
На одјавната шпица е наведено дека филмот е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија, меѓу соработниците е Преспанско-пелагониската епархија, а „посебна благодарност“ има за „неговото Високопреосвештенство митрополит Австралиски и Новозеладски г. Петар“.
„Ќе идеме до Рио де Жанеиро, таму било уште поинтересно. И последно ни е Албанија, нема кај да бегаме, таму ни е сигурна работата. Мислам по 500 евра и со здравје да си ги носиме“, вели маж од Македонија.
„Ако не ќе најдеме од Македонија“, вели еден од протагонистите во филмот, а друг враќа: „Јас дојдов тука во Русија да најдам девојка, не од Македонија“.
„Не ми се свиѓаат Македонките. На некој начин не се ни домаќинки, воопшто не ми се свиѓаат за живот со нив“, раскажа маж кој живеел во Англија па се вратил во Македонија.
„Мајка ми и татко ми се доста стари, потребна ми е жена со која ќе можам понатаму во животот да не бидам сам, да бидам среќен, да имам со кого да споделувам и тешки и радосни моменти. Ако е среќата да се најде жена што ќе ме поштува и јас ќе ја поштувам и да имаме среќен живот“, вели друг протагонист.
Во филмот зборуваат и жените од Русија. Раскажуваат како на работа, шефицата им кажала дека ќе дојдат бизнисмени од Македонија и дека ќе прават средби.