Иран е подготвен да преземе одмазднички мерки кон Израел по атентатот на високиот ирански генерал Рази Мусави во израелски напад во Сирија, јави ДПА.
Генералот Мусави од Корпусот на гардата на Исламската револуција беше убиен вчера во израелски воздушен напад во предградие на сирискиот главен град Дамаск.
Според Њујорк тајмс, Мусави помогнал во снабдувањето со ракети и друго оружје на либанското шиитско движење Хезболах, поддржано од Иран, кое од почетокот на војната во Газа постојано извршува напади врз северен Израел за поддршка на Хамас.
Израел често напаѓа цели во Сирија за да го спречи Иран да го прошири своето воено влијание во регионот со помош на милиции.
– Ционистите мора да бидат подготвени за последиците од нивното злосторство… и тие ќе бидат болни – изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за одбрана.
Според него, со нападот Израел не само што го наруши територијалниот интегритет на Сирија, туку предизвикува дополнителна ескалација и онака напнатата ситуација во регионот.
Израелската војска соопшти дека нема да ги коментира извештаите на странските медиуми, но според Њујорк Тајмс, Израел се подготвува за можна иранска одмазда.
Иран, заедно со Русија, е најважниот сојузник на сирискиот претседател Башар Асад и ја смета Сирија за дел од „Оската на отпорот“ поврзана со Техеран во нејзината борба против Израел, заедно со Хезболах.