Рецепт за нов одличен пијалок кој помага во борбата против настинките и грипот брзо се прошири низ социјалните мрежи. Тоа е комбинација од мед и лук која нуди бројни придобивки.
Клучот е да се остави измешаниот лук и суров мед да ферментира заедно. Некои од оние кои го консумираат овој пијалок го нарекуваат течно злато, додека други наведуваат дека им го променил животот.
Како што пишува „Њу Јорк Пост“, медот има антиоксидантно, антимикробно, антиинфламаторно и антиканцерогено дејство и широко се користи за ублажување на симптомите на настинка, особено за болки во грлото.
Лукот, од друга страна, има антивирусни, антиинфламаторни и антигабични својства, а исто така е добар и за нашиот имунолошки систем.
За да ги искористите сите придобивки од овие две намирници, обидете се да ги ферментирате заедно. Излупете две до три чешниња лук и ставете ги во тегла, а потоа покријте ги со суров мед.
Добро измешајте ја смесата и затворете ја теглата. Ќе треба да ја отворате и затворате теглата секој ден за да избегнете зголемување на притисокот за време на ферментацијата. Чувајте го шишето на ладно и суво место околу три до четири недели пред да почнете да го консумирате.