Јавното претпријатие „Лајка“ објави фотографии од куче од расата германски овчар, како и неговата тажна приказна, а со која сакаат да ја подигнат свеста за одговорно сопствеништво на миленици.
Како што раскажуваат од „Лајка“, станува збор за куче кое долги години било чувано, а кога веќе остарело, сопствениците не сакале повеќе да се грижат за него и го напуштиле.
– Сакаме да споделиме една свирепа и страшна приказна за животот на едно куче, а воедно и реалноста за сопственичките кучиња како завршуваат кога своите сопственици не сакаат повеќе да се грижат за нив – велат од „Лајка“.
Оттаму велат дека по пријава од граѓани за куче кое веќе подолго време е на јавен простор, напуштено, без сопственик, истото било заловено од нивните екипи на 18.10.2023 година во Општина Аеродром.
Но, по една недела, добиле пријава од граѓани дека во напуштена фабрика во населбата Автокоманда има напуштено и заробено куче, по што нивните екипи веднаш заминале таму.
– Кога екипата пристигна на посочената локација го најде истиот германски овчар, напуштен и врзан во напуштената фабрика. Кучето беше изгладнето, изнемоштено и болно, свесно оставено без пристап до вода и храна, видно вознемирено, но среќно кога виде дека доаѓаат луѓе да му помогнат. Кучето веднаш доби вода и храна, а и самото влезе во нашето комбе. Овојпат кучето останува со нас до негово вдомување, случајот ќе биде пријавен до Агенција за храна и ветеринарство, а и ќе биде покрената кривична постапка согласно член 233 од кривичен законик за мачење на животни до сопственикот на ова куче. Кучето не е во најдобра здравствена состојба, се надеваме дека за брзо време ќе биде добро и ќе биде објавено за вдомување – порачаа од Лајка.