Денеска во Вишиот суд во Белград продолжи судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето кое на 3 мај минатата година уби 9 негови врсници и училишниот чувар во ОУ „Владислав Рибникар“, објави српски Еуроњуз.
Владимир Кецмановиќ негирал дека сторил кривично дело злоупотреба и запуштање малолетно дете, за што тој и неговата сопруга беа обвинети од Вишото јавно обвинителство во Белград.
Тој одбил да одговори на прашањата на обвинителите и адвокатите, по што дел од родителите на убиените деца ја напуштиле судницата.
Судијата наредил пауза пред да продолжи судењето.
По него се очекува за новите обвинувања да се изјасни и Миљана Кецмановиќ.
Инаку, обвинителството го проширило обвинението, според кое Владимир Кецмановиќ се товари за тешко кривично дело против општата безбедност, додека, пак, неговата сопруга е обвинета за недозволено поседување и носење оружје.
Миљана Кецмановиќ во судот дојде од слобода, додека, пак, нејзиниот сопруг беше донесен од притвор каде што се наоѓа од апсењето на 3 мај минатата година.
Проширениот обвинителен акт уследи по распитот на малолетниот убиец Коста Кецмановиќ.
Во овој случај обвинети се родителите на момчето, Владимир и Миљана Кечмановиќ, како и инструкторот на стрелиштето каде што момчето учело да пука, Немања Маринковиќ, кои се товарат за давање лажен исказ.