Таткото на холивудскиот актер Ричард Гир, Хомер Џорџ Гир, почина на 100-годишна возраст. Тажната вест ја потврди сопругата на Ричард, Алехандра Гир, на Инстаграм.
Во подолга објава таа напиша дека Хомер живеел убав и исполнет живот и дека бил посветен да им помага на другите.
Хомер е роден на 7 мај 1922 година во малото гратче Бруклин, Пенсилванија. Уште во основно училиште, ја запознал љубовта на својот живот, Дорис Тифани, со која се оженил во 1945 година по враќањето од Втората светска војна.
Дорис била домаќинка, а Хомер агент за осигурување за осигурителната куќа „Нешнвајд“. Заедно добиле пет деца, а првородено бил Ричард.
Хомер секогаш сакал да им помага на другите. „Ако не можеше да помогне финансиски, секогаш имаше насмевка или прегратка или некој друг начин да им помогне на другите. Тоа беше околу мене цело време додека растев“, се сеќава еднаш Ричард.
По пензионирањето, Хомер и помогнал на непрофитната организација „Оброци на тркала“ (Meals on Wheels), која доставува храна до оние кои не можат сами да ја купат или подготват. Тој собирал средства и доставувал оброци повеќе од 25 години. Поради неговото влијание, Ричард се вклучил и во хуманитарна работа.
„Татко ми ги инспирира луѓето, влијае врз нив, ги вклучува. Кога му треба на неговото соседство, тој е таму“, рекол Ричард Гир во една прилила.
Минатата година Хомер го прославил својот 100-ти роденден, а по тој повод се собрало целото семејство.