Следејќи го мобилниот телефон, првата локација што ми ја покажа Гугл веднаш по исчезнувањето на ќерка ми беше една напуштена куќа на булеварот Партизански одреди во Скопје, изјави мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска, на денешното сведочење за убиствата на нејзината ќерка и на велешанецот Панче Жежовски што се случи лани во ноември.
– Тој ден Вања во 7.20 часот излезе сама за на училиште, јас излегувам во 7.40 часот. Тогаш ја видов и пораката од класната дека Вања ја нема на прв час, пораката е во 7.43, јас сум ја видела во 7.45 часот. Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата на Гугл покажа дека е некаде на Партизанска. Решив да му се јавам на Александар, му кажав дека Вања ја нема. Рече дека ќе дојде и со Александар со кола отидовме на местото каде што покажа Гугл, ама таму имаше една напуштена куќа. Викавме: Вања, Вања, ама ништо. Околу 8.30 часот во полиција направивме пријава и почна потрагата. Александар брзо дојде откако му се јавив, не е вообичаено тој брзо да се подготвува, знае да доцни, но јас кога му се јавив брзо дојде. Не ми рече ништо околу снемувањето на Вања, јас се правдав дека не знам каде е, дека не сме се скарале, зборувавме каде да одиме, каде да ја бараме. Се вративме пред Соборна на клупа, седнав со полицаец, давав податоци, им се јавив на колеги на телефон, да пробаат и тие да ѝ го лоцираат телефонот. Полицаецот предложи да се вратиме дома, да не се вратила случајно, оти таа претходната ноќ се жалеше дека не ѝ е добро. Тогаш се јави помалата ќерка од училиште, сфатила дека Вања не отишла во училиште, почна да плаче и отидов да ја земам од школо – сведочеше Зорица Ѓорчевска.
Кога се врати Александар, додаде таа, ми кажа дека бил во Сарај кај пријател, па во Арачиново, па во Блаце, но имало многу гужва и се вратил.
– Од првиот момент тој тврдеше дека Вања е киднапирана, тој велеше „нема што друго да биде“ – рече Зорица.
Таа додаде дека колешка ѝ предложила да објави на Фејсбук дека ја нема Вања за побрзо да се најде.
Таа вели дека во потрагата по Вања биле вклучени нејзини родинини, колеги, родители од одделението на Вања, децата од нејзиното одделение кои печателе флаери, родителите прегледувале камери…
На прашањето дали ги прашувале сопствениците на камери доброволно да им дадат да ги прегледаат камерите, Зорица рече: „да, сите по пат кон Песталоци ни дозволија, но на камерите ја немаше. И соседи и локали по Партизанска, на УСБ ни ги даваа снимките да ги гледаме, но ја немаше“.
– Александар ги гледаше камерите, се појави еден Гоце и ги гледаа камерите. Јас лично не го познавам Гоце, но знам кој е, имаат семејно кумство. Гоце и Александар ги гледаа снимките, излегуваа, разговараа со полицијата, Гоце имал пријатели во полиција, ги знаел инспектрите и му помагаше на Александар – рече Зорица и додаде дека со поранешниот сопруг не комуницирала многу, туку само за прашања поврзани со децата.
Во врска со односот на Александар кон децата, Зорица рече дека тој понекогаш знаел да изреагира на начин за кој децата му замерувале, знаел да викне на нив, инаку се грижел за нив.
– Тој имаше клуч од станот, за ако случајно некое од децата не земе клуч, да може да дојде да им отклучи. Додека бевме заедно, само јас работев, кога се разведовме, работеше и тој. Мојата плата беше добра, јас не барав алиментација, но тој секогаш даваше за децата, ги носеше на одмор, сѐ додека не остана без работа во март 2023 година – додаде Зорица.