Швајцарската полиција уапси маж и жена, државјани на Србија, за убиство на тригодишно девојче.
Осомничените повикале брза помош веднаш штом виделе дека девојчето не дише. Но, лекарите можеле само да констатираат смрт. Девојчето било пронајдено со видливи повреди по телото, а за смртта се осомничени нејзиниот татко и маќеата кои се во притвор.
Како што пишува порталот Блик, по обдукцијата на телото било констатирано дека девојчето починало како последица на тешки повреди нанесени од тап предмет.
Таткото (24) и маќеата (24), двајцата по потекло од Србија, се осомничени дека се одговорни за смртта на малото девојче, соопшти јавното обвинителство на кантонот Гларус.
Еден од сведоците кој живеел во соседството, изјавил дека од станот на семејството секојдневно се слушаале детски врисоци.
– Вечерта пред трагедијата слушнав детски крик од станот, но не можев да замислам дека ќе се случи такво нешто. Од друга страна, уапсените сопружници биле многу љубезни и пријателски настроени. Очигледно беше дека сакаат деца – изјавила сосетката.
Бабата на девојчето која за трагедијата разбрала од медиумите, открива дека девојчето имало тежок живот.
– Биолошката мајка не се грижеше за малечката, поради што таа беше привремено сместена во згрижувачко семејство – открила бабата на девојчето за швајцарскиот портал.
Но, наводно подоцна се случил инцидент во кој девојчето било повредено тогаш нејзиниот син ја зел ќерката да живее кај него. Оттогаш детето живее со татко му, маќеата и двајцата полубраќа. Ова го потврдуваат и од јавното обвинителство на кантонот Гларус.