Татко и неговиот син утрово храбро се бореле и успеале да спасат 10 луѓе од поплавите, а потоа поројот го одвлекол синот и го однел, јавуваат босанските медиуми за уште една трагична случка по поплавите што погодија населени места во пет општини и однесоа најмалку 20 животи.
Официјалните лица ја потврдија смртта на 14 луѓе. Тоа се загинати чии тела ги пронашле спасуачите. Многу лица се водат како исчезнати.
Најкритично е во општината Јабланица.
Раководителот на Секторот за односи со јавност на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, Дарко Јука рече дека моментно ситуацијата е нешто постабилна.
– Сè уште не знаеме колкава е точната бројка на загинати и исчезнати. Не се сеќавам на ваква криза од војната досега. Размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки – рече Јука.
Тој потврди дека итните служби успеале да стигнат до Јабланица.
– Во моментов најкритична е ситуацијата во Доња Јабланица, која е целосно отсечена од светот. се урнале сообраќајните патишта, како и неколку мостови на реката Дрежанка – рече Јука.
И поширокото подрачје на Коњица е изолирано, а повредените се евакуираат со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Цивилната заштита и локални клубови.
– Сите расположливи сили се на терен – Цивилната заштита, полицијата, Планинската спасувачка служба и Црвениот крст, додека соседните кантони нудат помош – рече Јука.
Јука апелираше до граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и да не се упатуваат кон Јабланица и Коњиќ од кој било правец.
– Во еден дел нема клучка кај изворот Комадино, а исто така пропаднаа три километри пат кај Рама – рече Јука.
Тој предупреди за лошите прогнози за претстојниот викенд и повтори дека ситуацијата останува многу сериозна.