Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ќе бараат брзи решенија за граѓаните да имаат што е можно поквалитетна здравствена услуга. Тие денеска ја посетија Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, каде разговараа со дел од вработените и со директорот Игор Стојковски за проблемите со коишто се соочува Клиниката.
За идната недела е договорен нов состанок за да се подготви специјален извештај и во Влада да се разговара за проблемите на Клиниката, особено околу дефицитот на кадар.
– Во следниот период јас како министер за здравство ќе инсистирам да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените. И така цела Македонија гравитира само тука. Се работи за 100 лежечки пациенти и 50 што се водат амбулантски. Ни преостанува идната недела да имаме конкретни барања од Клиниката и потоа заедно со директорот и со министерката за финансии да побараме, да вршиме притисок, по секоја цена да ѝ дадеме приоритет на Онкологија за да може нормално да функционира. Ваквото функционирање и за пациентите е тешко, меѓутоа, реално, за медицинскиот кадар е претешко – рече министерот Таравари и нагласи дека ќе инсистира најбргу што може да се активираат амбулантите во Тетово и во „8 Септември“, каде што, исто како и на Онкологија, има недостиг од кадар.
Таравари истакна дека ќе инсистира да се дозволат вработувања со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.
– За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри. Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе требаат месеци и години – додаде министерот.
Тој информира дека денеска ќе го посети и Институтот за патологија, за да види како стојат работите таму. Во понеделник најави средба и со деканот на Медицинскиот факултет, бидејќи смета оти е потребна стратегија за специјализации.
– Имам информација дека не се повеќе од 50 онколози низ целата држава, што е мала бројка за државата. Истото важи и за патолозите. Веројатно ќе треба да се направи мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност или да ги мотивираме докторите да специјализираат онкологија или патологија – рече министерот за здравство.
Директорот Стојковски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имало проблем со еден од лековите наменет за пациенти на оваа Клиника.
– Работиме на проблемот да го решиме и се надеваме дека во најбрз временски период ќе го има лекот – истакна Стојковски.
Директорот на ФЗО Клековски смета дека граѓаните заслужуваат лекови од најнова генерација, а не од пред 30 години. Тој рече дека планираат комуникација не само со здружението на пациенти од оваа клиника, туку и со здруженијата за дијабет и за сите други болести.
Пациентката Ана Марјановиќ во изјава за МИА рече дека за пациентите на која било клиника, па така и на Онкологија и на Хематологија, најзначајно е брзо решавање на Позитивната листа на лекови, очекуваат промени и да се видат резултати.
– Ние се придружуваме на здружението „Хемаонко“ за да направиме нешто повеќе за онколошките пациенти. И она што во овој момент сметаме дека е најзначајно, да се има слух и да се има соработка со здружението и со пациентите, бидејќи од прва рака најдобро ги знаеме проблемите – подвлече Марјановиќ.
Таа кажа дека во план им е да ги споредат нивните листи со оние на надлежните, околу тоа кои лекови треба да се стават на Позитивната листа, за да се види дали е тоа она што тие го бараат како пациенти.