Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе се испитаат сите околности во врска со смртта на осум дена старото бебе кое пред два дена почина на Детската клиника.
– Вчера добив информација од директорот на Клиниката за педијатрија. Се работи за бременост што не била следена баш како што треба, барем според информациите што ги добив. Потоа детето е задржано во домашни услови или во болницата во Струмица и кога е донесено бебето во Клиниката за педијатрија веќе било во многу влошена состојба – рече Таравари.
Тој најави дека откако ќе се видат сите околности околу овој случај тогаш и соодветно ќе се постапи.
Бебето старо осум дена почина на Детската клиника во Скопје во саботата, откако во тешка здравствена состојба било донесено од Струмица. Како што информираа од Детската клиника, се работи за предвремено родено дете, со мала тежина, кое било со тешка сепса.