Слушањето музика во Авганистан е забрането бидејќи како што велат талибанските власти, музиката води кон „заблуда на младите и уништување на општеството“.
Талибанската полиција за морал во западната авганистанска провинција Херат денеска запали неколку музички инструменти, јави ДПА, повикувајќи се на државната новинска агенција Бахтар.
Шефот на Одделот за промоција на доблести и спречување на пороците во регионот, шеикот Азиз ар Рахман ал-Мухаџир, рече дека властите ги конфискувале и запалиле музичките инструменти бидејќи слушањето музика е забрането.
Мухаџир го опиша промовирањето на музиката како изопаченост. Музиката води кон „заблуда на младите и уништување на општеството“, нагласи тој.
Откако ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, талибанците им забранија на медиумите во земјата да емитуваат музика, потсетува ДПА.
Активностите за кои движењето рече дека се против исламот, вклучително и музички изведби, беа исто така забранети за време на свадби и јавни настани.
Поради ваквиот ригорозен став, голем број авганистански уметници и музичари побараа засолниште во западните земји.