Талибанците уапсија пет жени кои учествуваа на протестот во главниот град на Авганистан, Кабул, против забраната на жените да посетуваат универзитети, јавува Би-би-си.
Уапсени се и тројца новинари. Се претпоставува дека протести се одржале и во провинцијата Тахар.
Стражарите вчера спречија стотици жени да влезат на универзитетите во Авганистан, еден ден по објавувањето на забраната. Претходно, властите им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште.
Министерството за образование најави дека ќе се ревидира универзитетската наставна програма и животна средина, а посетувањето на наставата за девојчињата ќе биде прекинато „до обезбедување соодветна средина“.
Како што јави Би-Би-Си, на видеата објавени на социјалните мрежи денеска, се гледаат дваесетина Авганистанки облечени во хиџаб како маршираат низ улиците на Кабул, креваат транспаренти и извикуваат слогани. Групата првично планираше да се соберат пред Универзитетот во Кабул, најголемата и најпрестижната образовна институција во земјата, но ја сменија локацијата откако властите распоредија голем број безбедносни лица таму.
Учесник на протестот изјави дека „некои од девојките“ биле уапсени од полицајки. Двајца од нив беа ослободени, но неколку од нив останаа во притвор, додаде таа.
Некои мажи во Иран покажаа солидарност со жените преку акти на граѓанска непослушност, при што околу 50 машки универзитетски професори од државни и приватни институции поднесоа оставки, додека некои студенти, наводно, одбиле да полагаат испити.