Собранието на денешната 16. седница донесе одлука за усогласување на составот на Државната изборна комисија (ДИК) по смената на власта во земјата а во согласност со изборното законодавство со кое, меѓу другото, се предвидува претседателот на ова тело да биде од редот на опозицијата.
Со усогласувањето, претседател на ДИК е досегашниот член Борис Кондарко, кој доаѓа на предлог на СДСМ, а потпретседател е Абдуш Демири, на предлог на Беса. Членови се досегашните претседател Александар Даштевски (ВМРО-ДПМНЕ) и потпретседателката Дитмире Шеху (ДУИ) и Оливер Ристевски (СДСМ), кој исто така беше член на ова највисоко изборно тело.
Собранието донесе одлука за распишување оглас за избор на двајца нови членови на ДИК на местото на Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше член на ДИК па стана заменик – генерален секретар на Собранието, додека Радица Ристеска (СДСМ) заминува во пензија. Огласот трае осум дена од објавување во Службен весник.
На оваа седница се донесени одлуки за објавување јавен оглас за избор на заменик – директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, за објавување јавен оглас за именување на членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, за објавување јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за измена на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, предлог на одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ и одлуката за избор на претседател и за објавување јавен оглас за членови на Советот за граѓански надзор.
Пратениците ги избраа членовите и нивните заменици на Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Претседател на Комисијата за правична застапеност е Талат Џафери, пратеник на ДУИ, а членови Ѓорѓија Сајкоски, Дафина Стојановска, Антонијо Милошоски, Александар Велјановски, Драган Ковачки, Драган Неделковиќ, Салим Сулејмани, Илир Демири, Сали Мурати, Миле Цеков, Фатмир Битиќи и Соња Мирковска.
Пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ денеска кажа дека нејзината пратеничка група ќе го поддржи формирањето на оваа комисија, која, според неа, е резултат на соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ.