Бројот на загинати од тајфунот Јаги, кој предизвика поплави и предизвика лизгање на земјиштето во северен Виетнам, продолжува да расте. Според денешните податоци на виетнамските власти, најмалку 197 лица го загубиле животот, а најмалку 128 се водат како исчезнати. Според проценките на надлежното министерство, природната непогода уништила повеќе од 250.000 хектари обработлива земја.
Откако Јаги ја погоди земјата во саботата, бури, поплави, лизгање на земјиштето и силните ветрови урнаа мостови, кренаа покриви од куќи и предизвикаа голема штета на економијата, објави француската новинска агенција АФП.
Илјадници жители мораа да ги напуштат своите домови, многумина останаа без струја. Повеќе од 130.000 домови биле оштетени од невремето, соопшти Националната агенција за управување со катастрофи. Многу куќи остануваат под вода. Повеќе од 15.000 луѓе беа погодени од поплавите во само една област околу Ханој, која има неколку милиони жители.
Најголем дел од смртните случаи биле на северот на земјата, со 82 во провинцијата Лао Каи, 34 во провинцијата Као Банг и 44 во провинцијата Јен Баи, додека едно лице починало во главниот град.
Штети се бележат и во земјоделството и сточарството. Според проценките на Министерството за земјоделство, угинале околу 1,5 милиони кокошки и патки и 2.500 свињи, биволи и крави.
Природната непогода веќе се одрази на цените. Според локалните медиуми, цените на зеленчукот се зголемени повеќе од двојно во последните неколку дена, бидејќи залихите се ограничени, а транспортот е отежнат, пренесува германската новинска агенција dpa.
Обилните дождови и надојдените води предизвикуваат хаос и во Тајланд. Четириесет и осум провинции, вклучувајќи го и главниот град Бангкок, издадоа предупредувања за дополнителни обилни врнежи и поплави во текот на викендот и следната недела. Посебно настрадаа северните провинции Чианг Маи и Чианг Раи на границата со Мјанмар, кои се популарни меѓу туристите. Според властите, бројот на загинати се искачи на шест, како што објави весникот Бангкок пост, dpa.
Јаги инаку беше најсилниот тајфун во областа во повеќе од една деценија и најсилниот во северен Виетнам во изминатите 30 години. Таа ослабе до тропска бура до недела навечер. Пред да стигне до Виетнам во саботата, ја опустоши и јужна Кина и Филипините, одземајќи вкупно најмалку 24 животи.