Коронавирусот наскоро ќе биде споредлив со заканата од сезонски грип, соопшти денеска Светската здравствена организација, која се надева дека повторно ќе го намали максималното ниво на предупредување оваа година.
– Мислам дека доаѓаме до точка каде што можеме да гледаме на коронавирусот на ист начин како што гледаме на сезонскиот грип, кој е здравствена закана, вирус кој ќе продолжи да убива, но вирус што нема да го наруши нашето општество или нашите болнички системи – нагласи на брифинг шефот на програмата на СЗО за итни случаи, Мајкл Рајан.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека е „многу задоволен што првпат бројот на неделни смртни случаи пријавени во изминатите четири недели е помал отколку кога зборот ‘пандемија’ беше првпат употребен, пред три години“.
Според него, СЗО би можела да го намали максималното ниво на тревога оваа година.
На 30 јануари 2020 година, СЗО прогласи вонредна состојба за јавно здравје на глобално ниво, а потоа прогласи пандемија во март истата година.