Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на можното ширење на мајмунските сипаници на фестивалите и другите големи собири планирани ова лето во Европа.
„Потенцијалот за натамошно ширење на вирусот во Европа и на други места ова лето е голем“, рече Ханс Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Сепак, Клуге смета дека фестивалите и другите настани планирани во следните неколку месеци би можеле да бидат можност за „подигнување на свеста и зајакнување на заштитата на поединците и заедниците“ кај младите луѓе кои се сексуално активни и глобално мобилни.
Круге тврди дека досегашните истраги укажуваат на тоа дека епидемијата во Европа трае од средината на април. Ова е нумерички и географски најголемото ширење на овој вирус надвор од Западна и Централна Африка, област каде што мајмуните сипаници се ендемични.
Клуге верува дека брзото ширење на мајмунските сипаници во Европа во последните неколку месеци е помогнато со укинувањето на ограничувањата поврзани со пандемијата на коронавирус. Иако голем број претходни инфекции се поврзани со сексуална активност, Клуге нагласува дека вирусот може да зарази секого.
Бидејќи вирусот не се шири на ист начин како Ковид-19, немаше потреба од воведување мерки за јавно здравје како што беше случај за време на пандемијата на коронавирус, рече Клуге.
„Но, особено е важно да се нагласи дека сè уште не знаеме дали ќе можеме целосно да го потиснеме ширењето на вирусот“, додаде тој.