Свирепо убиство на улицата Пиротска во Софија одекнало на денешен ден во 1924 година. Тоа било застрелувањето на македонскиот деец и комунист Димо Хаџи Димов од Владо Черноземски, приврзаник на ванчомихајловистите. Значењето на овој настан и општо на цела 1924 година може да се гледа низ призма на Мајскиот манифест – документ кој требал да ги обедини левите и десните сили во тогашната револуционерна организација, за на крај поддршката да заврши со бројни атентати.
Димо Хаџи Димов е познат деец. Рамо до рамо се борел со Гоце Делчев во Баница, од каде се извлекол и се вратил во гратчето Дупница. По Илинденското востание се спријателува со Јане Сандански кој му бил „духовен учител“. Станува пратеник од Народната федеративна партија во собранието на Бугарија. Хаџи Димов е клучниот преговарач кој требал да ги обедини левицата и десницата во македонската организација.
Мајскиот манифест кој ќе биде потпишан, а кој набрзо потоа Тодор Александров ќе негира дека го потпишал плашејќи се за својот живот ќе доведе до признавањето на македонскиот народ од Коминтерната, која ќе стави потпис на документот.
Ова официјално признавање на македонскиот народ ќе одекне во меѓународниот простор.
Така ВМРО и Македонската федеративна организација(МФО), во која членувале комунистите конечно застанале на иста страна. Тоа е заложба дека двете организации се помируваат и се ориентираат кон создавање на единствен балкански фронт во соработка со Балканската комунистичка федерација и СССР. Манифестот бил јавно објавен.
Не за долго Тодор Александров е ликвидиран, по кажувањата, од негови војводи. На местото на Александров доаѓа Ванчо Михајлов, познат по своите отворени пробугарски ставови.
Ликвидирани се и бројни други личности. Во атентатите кои странскиот печат ќе ги нарече „гангстерски“ ликвидирани се Јане Сандански и Ѓорче Петров. Владо Черноземски, кој има бугарско потекло од село близу Велинград, станува најпознатиот „вмровец“ во странство. Една декада подоцна тој ќе го убие српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ на идеја и во договор со Анте Павелиќ, водачот на усташката организација во Хрватска.
Меѓу луѓето кои ги убил Черноземски е штипскиот војвода Ковачев кој исто така на денешен ден, 13 септември, бил убиен во Софија. Тој кобен ден Димо Хаџи Димов тргнал да го бара Ковачев бидејќи наслушнал дека тој бил убиен. На пат кон кафаната „Галик“, на улицата Пиротска тој бил сурово застрелан од Черноземски.
Иако истрелал неколкупати, за да се осигура дека Димов е мртов, Черноземски пукал уште двапати на трупот.
За штипскиот војвода Ковачев, пак, познато е дека бил уредник на весникот „Автономна Македонија” и идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација. Роден е во Штип, на 5 јануари 1875 година. Учествувал во Илинденското востание во Штипско, Кочанско и во Кратовско.