More

    Светските челници со вжештени глави по нападот на Иран врз Израел

    spot_img

    Израел сега има послободна рака да одговори силно на иранскиот ракетен бараж отколку во април, велат безбедносните аналитичари и поранешни функционери, потсетувајќи дека одмаздата за пролетниот напад на Иран во голема мера е симболичен напад, пишува „Њујорк Тајмс“.

    Откако израелски владини извори за веб-страницата Аксиос открија дека Израел разгледува можност за силна одмазда со напад врз нафтени, па дури и нуклеарни постројки во Иран, експертите како Адријан Бломфилд за „Дејли Телеграф“ предупредуваат дека на коцка е глобалната безбедност.

    Џон Соерс, поранешен агент на МИ6 и британски амбасадор во ОН, коментираше во колумна за „Фајненшл Тајмс“ дека има значителна промена во рамнотежата на силите на Блискиот Исток, во корист на Израел и на штета на Иран.

    Во меѓувреме, не изостанаа коментарите на светските челници загрижени од можниот регионален конфликт.

    САД го турнаа Блискиот Исток во колапс“

    Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека улогата на Соединетите Американски Држави како миротворец во палестинско-израелскиот конфликт уште еднаш го турна блискоисточниот регион на работ на колапс.

    – Тие (САД) дојдоа со улогата на миротворец и таа улога сега повторно го турна овој регион по карпата – изјави Захарова за Радио Спутник. Еден ден претходно, израелската војска на својот канал Телеграм објави дека ширум земјата се слушаат сирени за воздушен напад.

    Ќе има последици, се заканија САД

    САД ветија дека ќе има „тешки последици“ за Иран откако тој изврши напад со балистички ракети врз Израел во „значителна ескалација“ на конфликтот на Блискиот Исток.

    Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Белата куќа, рече: „Јасно кажавме дека ќе има последици, тешки последици за овој напад, и ќе работиме со Израел за тоа да биде случај“.

    Шпанија ќе ги евакуира своите граѓани

    Шпанија планира да испрати два воени авиони за да ги евакуираат граѓаните од Либан, објави во средата шпанскиот њузвајр Европа прес, цитирајќи ја министерката за одбрана Маргарита Роблес.

    Од февруари 2022 година, Шпанија командува со привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) и распореди 650 војници долж јужната либанска граница со Израел.

    Велика Британија ја одигра својата улога“

    Вооружените сили на Велика Британија „ја одиграа својата улога во обидите да се спречи понатамошна ескалација“ додека Иран истрела низа проектили врз Израел доцна во вторникот, изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили.

    Велика Британија има голема воена база на Кипар, а британските борбени авиони беа вклучени во поддршката на Израел за време на нападот во вторникот вечерта.

    Овојпат ќе биде различно, загрме Ердоган

    Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека последиците од сегашната копнена операција на Израел во Либан ќе бидат многу различни од сличните потези во минатото.

    Осудувајќи ги акциите на Израел во регионот, тој го критикуваше речиси едногодишниот „геноцид“ во Газа и неодамнешните „терористички напади“ во Либан, велејќи дека владата на Израел се обидува да ги испровоцира регионалните земји во конфликт.

    САД „да се изгубат“ од  Блискиот Исток

    Не изостана ниту одговорот од Иран.

    Ескалацијата на непријателствата низ Блискиот Исток е вина на „САД и некои европски земји“ кои „лажно тврдат дека носат мир и спокојство во регионот“, рече врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Тој рече дека Западот мора да се „изгуби“ од регионот, за да им дозволи на земјите во областа да живеат во мир.

    Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, рече дека Техеран ги „предупредил американските сили да се повлечат од ова прашање и да не интервенираат“.

    Иран ќе го запали целиот регион, смета Шолц

    Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди дека неодамнешниот масовен напад на Иран врз Израел ризикува „да го запали целиот регион“. Тој ги замоли Хезболах и Иран „веднаш да ги прекинат нападите врз Израел“, додавајќи дека Германија и нејзините сојузници ќе продолжат да работат на прекин на огнот.

    Макрон го осуди нападот

    Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека силно ги осудува новите напади на Иран врз Израел, додавајќи дека како знак на неговата посветеност на безбедноста на Израел, мобилизирал воени ресурси на Блискиот Исток. Макрон ја повика Хезболах да ги сопре нападите врз цивили во Израел.

    Трамп го впери прстот кон Камала и Бајден

    Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги обвини претседателот на САД Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис за нападот на Иран врз Израел и за слабо лидерство на светската сцена.

    – Затоа Израел беше нападнат пред малку. Затоа што тие повеќе не ја почитуваат нашата земја. Таканаречениот непријател повеќе не ја почитува нашата земја – рече Трамп.

    Трамп тврдеше дека Бајден и Харис го збогатиле Иран за многу краток временски период.

    – Тие имаат 300 милијарди долари сега. Тие се богати. Мислам, тие плаќаат 6 милијарди секој пат кога имаат некој што бил киднапиран, тоа е секогаш 6 милијарди долари – рече Трамп и додаде дека „Иран бил на работ на банкрот“.

    Србија ги осуди нападите врз Израел

    Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ денеска ги осуди ракетните напади врз Израел и повика на прекин на насилството и единствен одговор од меѓународната заедница за поддршка на мирот и безбедноста.

    „Длабоко сум загрижен за неодамнешните случувања и ги осудувам ракетните напади врз Израел. Повикуваме на прекин на насилството и единство на меѓународната заедница за поддршка на мирот и безбедноста“, напиша Ѓуриќ на мрежата Икс.

    Јужна Кореја ги евакуира граѓаните од Израел

    Јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јеол денеска нареди воен авион итно да ги евакуира јужнокорејските граѓани од Израел и другите делови на Блискиот Исток поради разгорувачките тензии во тој регион, соопшти неговиот кабинет.

    Џун се сретна со советници за национална безбедност и економски прашања во врска со конфликтот на Блискиот Исток и повика на брз, но одмерен одговор на каков било удар врз синџирите за снабдување со енергија и трговија на Јужна Кореја, се вели во соопштението, пренесува Ројтерс.

    ЕУ предупреди на ескалација

    Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска предупреди на понатамошна ескалација откако Иран изврши ракетен напад врз Израел. Taa побара заштита на цивилите на Блискиот Исток.

    Европската Унија ја потврдува својата посветеност на безбедноста на Израел и најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел, кои претставуваат сериозна закана за регионалната безбедност, се наведува во реакцијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на иранските балистички ракетни напади врз израелска територија.

    Македонското МНР го осуди нападот

    Македонското министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудуви синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили.

    „Амбасадата во Тел Авив веќе стапи во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на нашата земја“, соопшти МНР.

    Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, се додава во соопштението, МНР апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img