Повеќе од 238.000 луѓе ги загубија животите минатата година во конфликти ширум светот, повеќе од кога било во овој век. А војната во Украина не беше ни најкрвавиот конфликт.
Минатата 2022 година беше најлоша од почетокот на 21 век по бројот на жртви на војните – 238.000 загинати. Ова е речиси двојно повеќе во споредба со претходната 2021 година, се вели во заклучокот од извештајот на Меѓународниот институт за економија и мир (ИЕП), со седиште во Сиднеј, Австралија.
Драматичното зголемување на стапката на смртност најмногу се должи на војната во Украина, каде минатата година беа убиени 83.000 луѓе. Сепак, најкрвавиот конфликт се случи во Етиопија, каде животот го загубија 100.000 луѓе.
Според студијата објавена оваа среда, на 28 јуни, конфликтите во 2022 година исто така предизвикале загуба од речиси 13 отсто во глобалната економија. Просечното ниво на „глобален мир“ исто така падна деветта година по ред и е полошо од најлошата година досега овој век, 2014 година, според ИЕП. Сè на сè, вака пресметаниот светски индекс на мир за 2022 година се влоши за 0,42 отсто.
Светскиот индекс на мир се пресметува со рангирање на речиси секоја земја во светот според 23 индикатори. Се испитуваат „тековните внатрешни и меѓународни конфликти“, „безбедноста“ и „милитаризацијата“ на општеството, а се вклучени и податоци од криминалистичката статистика за бројот на убиства.
Конфликтите стануваат се повеќе меѓународни
Според Стив Кили, основач, извршен претседател на ИЕП и еден од авторите на извештајот, најочигледниот тренд е дека конфликтите станаа помеѓународни: 91 земја во светот сега се вклучени во некој вид конфликт, наспроти само 58 во 2008 година.
„Тоа не е нужно добро или лошо“, вели Кили за ДВ. „Некои земји се вклучени во мировни операции, како што се земјите од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС). Иако повеќе земји се вклучени во војни во странство, може да се каже и дека стануваме се повеќе меѓународни и во соработка“.
Овој развој на настаните може да биде изненадувачки ако се земе предвид дека во текот на изминатата деценија, западните воени интервенции беа намалени: САД и НАТО, на пример, се повлекоа од Ирак и Авганистан. Но, како што истакнува Кили, САД остануваат вмешани во конфликтот – тие сега се најголемиот поддржувач на Украина во нејзината војна против руските напаѓачи.
Војните тешко се добиваат
Според Кили, индексот на мирот, меѓу другото, покажува дека „војните навистина тешко се добиваат“. Конфликтите во Јемен и Сирија траат веќе девет, односно 12 години, а во двата случаи нема видливи знаци за воена победа.
„Дури и на најдобро опремените армии во светот им е тешко да го победат локалното население кое не сака инвазија и има добри ресурси“, посочува Кили, но исто така додава дека тоа се должи на модерното оружје кое го олеснува асиметричното војување. „Сега речиси секој со основно техничко образование може да активира бомби од далечина“, вели тој.
Во извештајот на ИЕП, исто така, се наведува дека бројот на недржавни групи кои користат беспилотни летала се удвоил помеѓу 2018 и 2022 година и дека вкупниот број на напади со беспилотни летала речиси тројно се зголемил во истиот период.
Шефот на регионалната воено-граѓанска управа на Доњецк Павло Кириленко преку Фејсбук/Матурка преку Ројтерс
Тренд на подобрување на Блискиот Исток и Северна Африка
Резултатот од овие трендови е дека војната (и мирот) се покажува како исклучително издржлива. Исланд е сè уште, од 2008 година, најмирната земја во светот, додека Авганистан е најмалку мирната земја во светот осум години по ред. Јемен, Сирија, Јужен Судан и Демократска Република Конго се исто така меѓу десетте најмалку мирни земји во светот од 2007 година, откако постои Индексот на мирот.
Но, Кили нагласува дека позитивни движења се видливи и кај Индексот.
„Мислам дека еден од најпозитивните случувања е на Блискиот Исток и Северна Африка – во последните три години, 13 земји таму се подобрија, а само седум ја влошија состојбата на мирот во нивната земја“, вели тој. „Сега има тренд за подобрување на мирот таму. Така што целата динамика не е нужно лоша“.
Ова е особено видливо во случајот со Либија, чиј индекс на мир се подобрува втора година по ред. Иако безбедносната ситуација во таа земја останува кревка, примирјето потпишано од ривалските групи во октомври 2020 година значително го стабилизираше.
Друг позитивен аспект е тоа што многу земји постигнаа напредок во борбата против криминалот: неколку земји на Карибите и Централна Америка забележаа пад на домашниот тероризам и стапката на убиства.
Цената на војната
Извештајот на Меѓународниот институт за економија и мир, исто така, ја разгледува економската цена на војната. Севкупно, војната и насилството го чинеа светот 17,5 трилиони долари минатата година, што е еднакво на 12,9 отсто од глобалниот бруто домашен производ (БДП). Се разбира, за земјите кои се најпогодени од конфликтот, влијанието е особено поразително:
Украина, на пример, потроши 63 отсто од својот БДП за одбрана од руска инвазија.
Можната кинеска блокада на Тајван, како што предвидува ИЕП, ќе доведе до особено силен пад на глобалното економско производство: загубата би била двојно поголема од последиците од глобалната финансиска криза во 2008 година.
Се разбира, многу производители на оружје заработуваат од војна, но, според ИЕП, тој економски профит е помал од трошоците за војна и милитаризација.
„Ако изградам носач на авиони, тоа би можело да ме чини 20 милијарди долари. И ми требаат 500 милиони долари годишно за да ја одржам работата. А најдоброто на што можам да се надевам е дека не морам да го користам. Но, тие пари би можеле да се искористат за стимулирање на бизнисот, за здравствениот систем, каде што би било многу попродуктивно за економијата“, резимира Стив Кили од Меѓународниот институт за економија и мир.