Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,5% за годинава, а во наредната година 2,9%. Инфлацијата ќе има тренд на намалување и за годинава се предвидува да изнесува 3%, а во следната година да се намали на 2%.
Ова е наведено во последниот извештај на Банката за Западен Балкан кој е објавен денеска.
Според овој извештај, македонската економија лани забележа најнизок раст во регионот од 1%. Притоа се забележува и на зголемениот буџетски дефицит и на инфлација.
Ваквите економски резултати, според Светска банка, се резултат на тоа што земјава е зависна од економските случувања кај главните трговски партнери. Но, банката го впери прстот и кон неусогласеноста на растот на платите и на продуктивноста на трудот состојба која е евидентна во земјава.
Сепак, Светска банка оценува дека изгледите за раст годинава се подобруваат, што најмногу ќе биде резултат на инвестициите во инфраструктурата, односно изградбата на автопатите.
Една од пораките за земјава е да бара алтернативи на автомобилската индустрија која сериозно е под притисок на кинеското навлегување особено во сегментот на електрични возила во Европа, како и да се вклучат домашните фирми во синџирот на снабдување со странските инвеститори.
Во однос на регионот во извештајот се констатира дека, растот во Западен Балкан најмногу беше забавен во земјите кои најмногу зависат од пазарите во западните земји, додека во земјите кои се потпираат на услугите, и пред сѐ на туризмот, ефектите беа спротивни и тие остварија повисоки стапки. Најуспешни лани се покажаа Црна Гора со раст од 6% , Абанија со раст од 3,3% и Косово кое лани забележа економски раст од 3,1%.
Светска банка оценува дека има простор за раст во земјите од регионот, но дека во сите земји се потребни структурни реформи кои ќе овозможат да се намали постојниот јаз со земјите од ЕУ, од сегашните 40% од европскиот просек, колку што е нивото на стандардот на живеење.
Како што беше посочено, забавувањето на растот лани во Западен Балкан влијаеше и на ранливоста на многу домаќинства. Така, една третина од домаќинствата би можела да издржи само две недели, доколку го изгуби основниот извор на приходи, а половината само еден месец.