Да се создаде бизнис околина што ќе биде предвидлива и ќе ги намали трошокот и времето на фирмите во делот на административните и бирократските барања, формирање на иновативен еко систем којшто ќе ги доближи новите технологии и знаења до македонските фирми, финансиски сектор кој ги опфаќа сите форми и ќе нуди разновидни финансиски услуги со кои ќе се подобри ликвидноста и инвестициската способност на фирмите и пазарна интеграција и на регионалниот и на европскиот пазар.
Ова се клучните препораки на Светска Банка за политиките за развивање на приватниот сектор, изнесени денеска на настан во Собранието во организација на Комисијата за економски прашања, во присуство на претставници на ресорните министерства и на надлежните институции, невладиниот сектор, стопанските комори и Организацијата на работодавачи.
За сето ова да се постигне, според СБ, потребни се финансиски независни пазарни институции кои ќе го регулираат односно дерегулираат пазарот како што се Развојната банка, Комисијата за заштита на конкуренцијата,…односно сите регулатори што постојат на пазарот кои ќе треба да носат исправни одлуки и пазарот да функционира и да даде можности.
Од СБ укажуваат дека е потребна диверзификација на извозот со што повеќе фирми од државава ќе извезуваат на повеќе пазари поразновидни производи и услуги.
– Во Македонија извозот е еден од главните двигатели на развојот, но е многу концентриран на еден пазар, германскиот, концентриран е во автомобилската индустрија и во релативно мал број на големи фирми, така што е многу големата концентрација на ризик. Ова што сега се случува со германската економија има големи негативни ефекти врз нашата економија – наведе Татјана Маркоска, специјалист за развој на приватниот сектор во СБ.
На државата, како што дополни, ѝ е потребна и нова стратегија за привлекување странски инвестиции, старата која се базираше на евтина работна сила веќе не е применлива, а потребно е да се зголеми и фокусот за привлекување инвеститори во високотехнолошките дејности кои додаваат поголема вредност и бараат поквалификуван кадар, но во помал обем.
– Во делот на поддршката на извозот има доста простор за дигитализација на процесите во Царинската управа, во подобрување на инфраструктурата на граничните премини и воведување на зелените ленти. Доста важно е да се зголеми бројот на извозници, моментално извезуваат помалку од 4% од македонските фирми и за да се направи тоа треба да има државни програми за поддршка на извозот и за поддршка на подготвеноста на фирмите да излезат на странските пазари – рече Маркоска.
Валерија Пероти, менаџер на Одделот за развој на економијата во Светска банка, пак, во презентација на наодите од Извештајот Business Ready на СБ, алатка со која се мапираат места што може да се подобрат, посочи дека во државава има јаз во јавните услуги.
– Интересно е што постојните компании можат да бидат истрајни и отпорни, а тоа значи дека ќе најдат начин на работа дури и кога има предизвици во регулаторната рамка или во јавните услуги. Меѓутоа, ако се подобрат рамката и услугите, компаниите можат уште да пораснат и да се развијат а економијата да привлече нови фирми – рече Пероти.
Пероти наведе дека Северна Македонија има највисок резултат во поглед на почнувањето бизнис, при што се добри практиките за регулативата за сопствеништво на бизнисот или времето за регистрирање нова компанија, а во поглед на услугите за струја и вода, има добри механизми за поплаки и добри тарифи, …
– Има простор за подобрување во поглед на инсолвентност, решавање на спорови, оданочување и меѓународна трговија – посочи таа.
Наведе примери за реформи што може да се спроведат за да се поддржи приватниот сектор и истакна дека особено во регулаторната рамка кај комуналните претпријатија нема една политика за заеднички планови.
Кај столбот за јавни услуги, Северна Македонија може да ја подобри интероперабилноста и интеграцијата на различните платформи, како на пример меѓу Регистарот на недвижен имот и други агенции. Кај оданочувањето, пак, посочи дека нема можност да се поднесат електронски пријави. Кај меѓународната трговија постојат неколку добри практики што може да се спроведат како што е подобрување на дигиталните услуги меѓу компаниите, а пример е препознавање на правната валидност на странските потписи.
– Во столбот на оперативната ефикасност, ако ги погледнеме искуствата на оперативните фирми, може да се подобриме во почнувањето со бизнис, каде што, како што рече, Македонија има добар учинок, за времето што е потребно за регистрирање на нова компанија, 12 дена, но може да биде и побрзо, требаат три дена, но има поважни доцнења, како на пример во локацијата, потребни се 180 дена за добивање дозвола за градење, а во најдобрите економии се потребни 14 дена. Исто така, за решавање на спор потребни се 8 месеци, а во најдобрите економии еден месец – наведе Пероти.