Русија му покажа на целиот свет дека е самодоволна во секој поглед, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
– Главната работа што си ја докажавме на себе и на целиот свет е дека Русија е самодоволна земја во секој поглед. Таа е силна, оди напред и гледа кон иднината со доверба. Ова е несомнено најважниот резултат во минатата година – рече Путин на средбата со локалното население во најисточниот руски град Анадир во округот Чукотка.
Дури и водечките европски економии минуваат низ тешки времиња, рече рускиот лидер.
-Ние сме во подем, а тие во опаѓање. Тоа не не радува, но останува фактот дека тие се повеќе зависни од нас отколку ние од нив – истакна Путин, пренесува ТАСС.
Путин денеска пристигна во главниот град на автономниот округ Чукотка – Анадир, што е прво патување на рускиот претседател во 2024 година и неофицијално, почеток на неговата кампања за нов претседателски мандат.