„Со оглед на тоа дека кај телекомуникациските оператори доаѓа до суштински промени во однос на сервисите од фиксната телефонија, од класична дигитална комутација на VoIP комутација, системот не е во можност да следи VoIP комуникации. Системот не е во можност да следи интернет сообраќај. Системот не е веќе под гаранција на производителот. Одделот не располага со резервни делови неопходни за функционирање на системот, со што сметаме дека е отежната техничко-сервисната поддршка. Со оглед на горенаведеното, сметаме дека штом системот биде ставен надвор од употреба, потребно е истиот да се расходува и да се постапи во согласност со прописи за постапување со ваков вид на опрема”.
Ова не е исказ на одбраната, туку допис составен и потпишан од Сашо Трајковски, тогашен началник во УБК, а во процесот еден од главните сведоци на ЈО во „Таргет-Тврдина”. Со овој допис Трајковски ги информирал неговите претпоставени дека Петтата управа во УБК мора да се модернизира, односно дека е неопходно да се набави нова опрема за да се одговори на потребите за следење на комуникациите.
Одбраната на вчерашното рочиште му го предочи овој допис на сведокот, кој иако не се сеќаваше во целост, потврди дека е негов. Трајковски не е обвинет во процесот, а како стручно лице бил и претседател на комисијата која требало да утврди функционалност на опремата и да донесе одлука за нејзино ништење.
На прашање на одбраната, тој потврди дека комисијата што ја водел заклучила дека старата опрема не била функционална и донеле одлука за нејзино ништење. Тоа се случува кога Трајковски како претседател на комисијата и началник во УБК немал никакви сознанија за таканаречените бомби на Заев, ниту, пак, имало некаква забрана за ништење на нефункционалната опрема.
Одлуката за набавка на новата опрема „постара” од бомбите на Заев
Со тоа Трајковски го урна делот на обвинението базирано на претпоставката дека опремата се ништела за да се скријат трагите од прислушувањето. Напротив, одлуката за набавка на нова опрема и за ставање надвор од функција на старата, е многу порано од објавувањето на бомбите.
Трајковски посочи дека опремата на МВР за следење на комуникации се менувала на 5 до 6 години, кога технолошки застарува и не може да ги следи промените во операторите. После тој рок, како што и самиот кажа, или преправките во системот треба да се пообемни и да чинат многу, или треба да се набави нов.
Трајковски, заедно со неговиот колега Ѕвонко Костовски, кој призна вина во „Пуч”, бил инволвиран и во 2007 година, при тогашната набавка на системот Наис трак и при ставањето вон функција на тогашниот систем Веринт. Трајковски потоа бил во тек и со набавката на системот ИПС набавен и тестиран уште во 2014 година, што на ниту еден начин не е поврзано со бомбите.
Исчезнаа 26 000 прислушувани броеви!?
На вчерашното рочиште, како сведок на ЈО, се појави и Марјан Јанкуловски, тогаш вработен во УБК. Јанкулоски остана на претходниот исказ и го урна обвинението на СЈО и тврдењата на Заев дека биле следени повеќе од 26.000 лица од јавниот живот во Македонија.
Имено, објаснувајќи ги неговите задачи како „маркирач” на броеви и за функционалностите на системот, Јанкулоски има посочено дека системот го ресетирале еднаш годишно, односно околу Нова година. Тогаш ги исклучувале сите броеви кои биле маркирани, па потоа повторно ги вклучувале. На вкрстено прашање на одбраната, Јанкуловски пред судот има потврдено дека станувало збор за 200, 300 до 500 броеви во просек годишно. Според него, за таа операција биле потребни денови. Тој не може ниту да претпостави колку денови би биле потребни за 26.000 броја, за колку што обвинуваа Заев и СЈО.
Каде е разликата меѓу 200, 300 до 500 прислушувани броеви, кои биле маркирани во УБК и бројката од 26.000 со која манипулираа Заев и СЈО? Засега нема одговор на тоа прашање.
Јанкуловски не можеше да потврди дека тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков пристапувал кон системот од неговиот компјутер и слушал аудио или читал пораки.
Со контрадикции во таа насока е и сведочењето на Трајковски, кој нема докази дека Мијалков пристапувал во системот и нема одговор зошто Мијалков би дал некому да го следи неговиот број или броевите на неговите блиски, тие разговори да ги снима и слуша некој трет, а истите разговори да ги слуша и од сопствената канцеларија.
„Добро утро, Рамковски”
Контрадикторно е и тоа што „случајно” открил дека, според него, незаконски се слушале некои броеви, наводно при редовна, кратка поправка во системот.
Имено, иако заедно со Ѕвонко Костовски од „Пуч” имале тест картички за техничко одржување, чија намена била да не се задира во класифицираните информации од броевите што се следат, тој сепак решил во системот да кликне на некој број. Кога случајно кликнал на тој број, наводно слушнал глас „добро утро Рамковски” и заклучил дека зад псевдонимот што го кликнал стоел Велија Рамковски.
Трајковски, наводно покрај техничкото одржување, сметал дека бил должен да не дозволи хакерски упади во системот, иако тој не е поврзан со отворена мрежа. Трајковски веќе има признаено дека заедно со Ѕвонко Костовски имале највисоки привилегии и увид во сè што се случува во системот.