Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по лавината реакции од инаугурацијата кога шефицата на државата одби да ја изговори придавката „Северна“ за време на заклетвата.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, додаваат од Кабинетот.
„Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата“, наведено е во соопштението.