Американски обвинители синоќа поведоа кривична постапка против двајца наводни лидери на бела супрематистичка група (оние кои повикуваат на предимство на белата над другите раси) со обвинување дека на социјалната мрежа Телеграм повикувале на насилство врз црномурни, еврејски, ЛГБТК лица и врз имигранти, а со цел да предизвикаат расна војна.
Групата наречена „Терорграм колектив“ (The Terrorgram Collective), го користела сајтот за да промовира бели супрематистички напади низ светот и да поттикне насилство мотивирано од расна омраза, се наведува во соопштението од федералниот суд во Сакраменто, Калифорнија.
Далас Хамбер (34) од Елк Гроув, од Калифорнија, и Метју Алисон (37) од Бојси, Ајдахо, се соочуваат со по 15 кривични обвиненија, вклучувајќи и обвинение за поттикнување злосторства од омраза и за заговор за обезбедување материјална поддршка за тероризам.
Двајцата се во притвор.
За најсериозните обвиненија предвидена е казна до 20 години затвор.
„Целите на групата вклучуваат и напади врз американски владини службеници и врз критична инфраструктура, а со цел предизвикување општествен колапс во САД“, соопшти Министерството за правда на САД.
Според обвинението, Хамбер и Алисон помагале во создавање и промоција на документ за оправдување на идеологијата на групата, што вклучувал детални инструкции за терористички напади и изработка на бомби.
Хамбер и Алисон, кои станале лидери на групата во 2022 година, исто така соработувале во формирање список на „ многу вредни“ цели за атентат, меѓу кои биле и актуелен американски сенатор и федерален судија, личности што се сметале за непријатели на каузата на белите супрематисти.