Судницата и денеска ќе му е сцена на првообвинетиот за убиствата на Вања и на Панче

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Љупчо Палевски Палчо денеска ќе продолжи со своите беседи во Кривичниот суд, во процесот во кој е првообвинет за грабнувањата и за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје и на Панче Жежовски (74) од Велес. По повеќемесечното судење што почна во септември, на ред е неговиот исказ, кој се очекува да се одолговлече на неколку рочишта, затоа што Палевски ја користи приликата да раскажува на долго и на широко за своите политички дејствувања како претседател на партијата Десна.

На минатото рочиште успеа да објасни што правел на 22 ноември 2023 година, денот кога е убиен Панче Жежовски, но само до половина ден. Денеска се очекува да го опише тој ден до крајот и да одговара на прашањата на неговиот адвокат Јовица Страшевски што правел во наредните денови, како и на критичниот 27 ноември 2023 година, кога е убиена малата Вања.

Тој бил невин, а Спасовски го наместил

Палевски се брани дека е невин. Го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека му ја наместил целата работа, затоа што го фатил во криминал. Палевски рече дека во неговиот последен поткаст објавил документи за ирански државјанин кому Спасовски му дозволил да отвори нерезидентна сметка во Македонија и кој имал 540 милиони долари на сметки во две банки. Според Палевски, Иранецот продавал ирански дронови „шахиб“ на Русија, со пари од Србија.

Палевски рече дека имал уште документи за овој криминал и за перење пари, во кое, како што рече, учествувале ексминистерот Спасовски и шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.

– Бубевски и Спасовски се директно одговорни за перењето пари во Македонија. Спасовски дал согласност како министер за полиција ирански државјанин, шверцер на дронови да отвори нерезидентна сметка во НАТО-банки во Македонија. Токму тој сериозен криминал и износите кои се депонирани во македонските банки се сосема доволна причина да се изврши морален атентат на еден човек. Се компромитира човек во целост – рече Палевски.

Го имал „бомбите“ на Заев, ама никого не уценувал

На прашањето дали е убиец и монструм, одговори дека не е ниту едното ниту другото.

– Не сум ги извршил ни убиствата ни грабнувањата. Едноставно, немам мотив за тоа. Во депото на ОЈО се наоѓа хард-диск „тошиба“, кој го зедоа со записник, во кој има над 200.000 разговори на политичката елита, но и на новинарската професија. Доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ферари и останати, но тоа не сум го направил. Така што, не само што не сум го извршил, немам ни мотив за такво злосторство – рече Палевски на минатото рочиште.

Палевски пред Судот правеше драма дека му е извршен брутален медиумски линч од медиуми под контрола на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги навреди сите новинари што го следат случајот и ги нарече багра, но тие беа достоинствени и не реагираа. Споменуваше имиња на инфлуенсерки, новинарки и на адвокати кои биле против него. Ги навреди и јавните обвинителки, а тие реагираа. Рече и дека Кривичниот суд го киднапирал по екстрадицијата од Турција.

Судијата Ивица Стефановски не го прекинуваше во долгите искази и му доволи да зборува колку што сака. На едно од претходните рочишта рече дека на сите обвинети ќе им биде дозволено да зборуваат колку сакаат, затоа што „секој има право да се брани како знае и умее“.

- Advertisement -
Ad image

Устата му е полна со Гоце Делчев, МПЦ, родољубие…

Палевски рече и дека не избегал во Турција, туку таму бил да се сними на магнетна резонанца, но, и за да земе документ од воениот архив на Истанбул за македонскиот великан Гоце Делчев. Бил договорен да му дадат документ дека на 4 мај 1903 година во Баница немало аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турската војска, туку од врховистите. Рече дека тоа е од интерес и на Турција да се расчисти. Во врска со неговите планови од Турција да патува во Москва, рече дека само сакал да купи авионска карта, но не го сторил тоа. Сакал да земе копија од новгородските ливчиња од јавната библиотека на Москва, кои се најстар документи напишани со глаголско писмо, во Охридската книжевна школа. За овие ливчиња се смета дека се дел од евангелието кое било испратено во Киевска Русија, за време на покрстувањето на Русите.

Палевски пред судот раскажа и дека во ноември 2023 година би многу зафатен со обид да организира референдум за народот да се изјасни за Договорот за добрососедство со Бугарија. Исто така, тој месец бил зафатен и со скенирање на собрани 50.000 граѓански потписи за поддршка на Македонската православна црква, односно, против нејзиното преименување.

Ги нападна доказите на ЈО

Но, освен долгите приказни во обид да се претстави како голем родољуб, Палевски во својот исказ ги нападна и доказите на Јавното обвинителство. Побара судијата Ивица Стефановски да ги изземе доказите со неговата ДНК кои се пронајдени на предмети во „ренџоверот“ со кој патувал до Турција, а кои ЈО ги навело дека се подигнати од местото каде е убиена Вања.

- Advertisement -
Ad image

Тој пред судот го оспори и времето на смртта на убиениот Жежовски. Рече дека според кривичната пријава Панче е убиен на 22 ноември во 21.30 часот, а според обвинението во 9.30 часот, но нафрли и дека Жежовски можеби и не е убиен тој ден, туку неколку дена подоцна. Според Палевски, Јавното обвинителство не се потрудило да го утврди времето на смртта на Жежовски, за да можат „да шетаат низ времето“, според нивните потреби.

На денешното рочиште Палевски ќе продолжи да одговара на прашањата на неговиот бранител Јовица Страшевски. Потоа ќе го испрашуваат јавните обвинителки Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска. По нив Палевски ќе одговара на прашањата на останатите обвинети и нивните адвокати, а на крај ќе го испрашува и судијата Ивица Стефановски.

Пресуда пред летото

По оваа фаза од судењето се очекува дополнение на доказната постапка, која досега ја најавија бранителите на обвинетите Палевски, Боре Видевски и на Александар Ѓорчевски. До крајот на мај се очекува да се изречат и завршните зборови на обвинителството и на одбраната, по што ќе следува пресуда за едно од најстрашните злосторства во независна Македонија.

Девојчето Вања Ѓорчевска е киднапирано и убиено на 27 ноември 2023 година, а 5 дена порано е грабнат и убиен Панче Жежовски. За нивната смрт се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, сите од партијата Десна, а Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.

Во исказите двајца обвинети, Манев и Кешишев го признаа учеството во злосторствата и рекоа дека во жртвите пукал Палчо, а останатите тројца обвинети рекоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Share This Article