Неодамнешната одлука на Европскиот суд за човекови права ги разочара и двете засегнати страни во спорот покренат по поништувањето на аболициите дадени од претседателот Ѓорге Иванов. Владата веднаш се истрча и еуфорично го поздрави решението на Стразбур, но после читањето на првите редови од одлуката се виде дека еуфоријата е неоснована и лажна. ЕСЧП ги разочара и апликантите кои очекуваа дека судот во Стразбур ќе се потпре на досегашната пракса и ќе пресече дека еднаш дадена аболиција подоцна не може да биде повлечена.
Сепак најзасегнат, се чини, е домашниот судски систем, бидејќи Стразбур врелиот костен го префрли на македонските делители на правда. Искушението да биде уште поголемо, Стразбур на македонските судии им препорача да бидат ефективни и при носењето на одлуките за аболицијата на Иванов, да внимаваат да не одат спротивно на членот 6 од Конвенцијата за човекови права.
Имено, Стразбур не одлучуваше мериторно, туку ги врати назад апликациите, со напомена дека не се исцрпени сите правни лекови во домашното законодавство. Оваа одлука, како што можеше да се види од екстензивното образложение, е донесена после сериозна анализа на аргументите на двете страни и проучување на домашното законодавство, но и на политичката ситуација.
Стразбур во одлуката ја нотира аболицијата и атмосферата и притисоците за нејзиното повлекување, како и молкот на домашните судови и конфузните одлуки околу тоа суштинско прашање – дали таа постои или не и дали обвинетите имаат право да се повикаат на неа или не.
„Таргет-тврдина“ е еден од првите тестови на капацитетот на македонското судство
Македонските судии немаа време ниту да си ја прераскажат одлуката на Стразбур (доколку сите и ја прочитале), а таа веќе тропна во нивните судници. Одбраната на обвинетите во предметот „Таргет-тврдина“ веќе на првото рочиште се повика на одлуката на судот во Стразбур и побара од претседателот на судечкиот совет Илија Трпков да донесе одлука по однос на важењето на аболициите уште пред да почне главната расправа односно пред изведувањето на докази и сослушувањето на сведоци.
Според адвокатите, ова прашање задира директно во правата на обвинетите и е од суштинско значење. Според адвокатот Петар Василев, одлучувањето за ова прашање е процесно и услов без кој не може да се води понатамошната постапка, бидејќи во таков случај се прават само дополнителни трошоци и им се нанесува штета на обвинетите. Тој смета дека судот треба да се охрабри и веднаш да донесе одлука за прашањето, пред да стартува натамошната постапка, а не да го чека завршувањето на првостепената постапка.
Адвокатот Влатко Илиевски потсети дека дадената аболиција е околност која исклучува натамошно гонење и побара судот, во согласност со Законот за кривична постапка, да донесе одлука дали со повлекувањето на аболицијата не се повредени правата на обвинетите. На судот тој му појасни дека суштината на која се темелат апликациите е повредата на принципот на владеење на правото и на правната сигурност, која подразбира дека законите треба да се предвидливи, јасни, извесни и прецизни и да не се ретроактивни. Тој истакна дека законот и одлуката со која се поништени аболициите е целосно спротивна на овие принципи, бидејќи и согласно Уставот претседател може само да даде помилување, а не и да одземе.
Дури и ЕСЧП предвидел дека секое задирање во индивидуалните права мора да се носи со општа одлука, а не со ваков закон кој очигледно е ограничен само на определена група засегнати лица.
Според Илиевски, тезите на владата пред Стразбур за ништовност на аболицијата, кои биле наведени и во првостепената пресуда по овој предмет која подоцна падна на Апелација, се неосновани, бидејќи против претседателот Иванов не е покрената никаква успешна постапка за наводно пречекорување на овластувањата со дадената аболиција.
За адвокатот Љупчо Шврговски е несомнено дека Конвенцијата за човекови права, чија директна примена бара Стразбур, е дел од домашното законодавство и таа мора да биде приоритет, бидејќи има наднационално значење. Барањето на Стразбур за ефективно одлучување по прашањето покренато со апликациите значи дека судот треба да се произнесе по истото и да им овозможи на обвинетите да ги употребат побрзо и другите правни средства кои им стојат на располагање, доколку не се задоволни и сметаат дека им се нарушени правата.
Во изјава за медиумите, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ истакна дека еднаш дадено помилување не може да се повлече и дека судот мора да собере храброст и да донесе одлука во однос на аболициите.
Хаос во судската пракса – за судот некогаш важат, а некогаш не важат аболициите
Одбраната вчера се повика на неколку решенија токму на Основниот кривичен суд Скопје, со кои во минатото била потврдена аболицијата како факт. Адвокатите посочија решенија во предметите „Тортура“, „ТНТ“, но и од истиот овој предмет. Имено, во април 2016 година, токму во „Таргет-тврдина“ Кривичниот суд одбил барања на СЈО за преземање мерки за обезбедување на Гордана јанкулоска и на Тони Јакимовски, со образложение дека во “Службен весник” излегла одлуката на Иванов за аболиција и нема основа против лицата да бидат преземани дополнителни мерки.
Да биде иронијата поголема, аболицијата на Иванов била уважена и во првиот предмет кој се водеше за незаконското прислушување, каде беа обвинети Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои сега се јавуваат во својство на сведоци. Ѕвонко Костовски тогаш во предметот „Пуч“ призна вина и склучи спогодба, а потоа беше ослободен од издржување на казната затвор, токму врз основа на аболицијата на Иванов.
Јавното обвинителство не ги коментира наводите на одбраната. За нив е важно тоа што бил одобрен обвинителниот акт без разлика на аболициите. Нив не ги интересираат правата на обвинетите.
Јасно е дека топката е повторно префрлена на теренот на судот, а прв кој ќе има можност да преземе иницијатива и да ја расчисти оваа правна нејаснотија е судијата Илија Трпков. Негова е одговорноста дали ќе тргне по препораките на Европскиот суд за човекови права или ќе се приклони кон конформистичкото толкување на ЈО, очекувајќи повисоките судски инстанци да ги собираат ловориките за храбрите одлуки.
Илија Трпков најави дека неговата одлука ќе ја соопшти на наредното рочиште и јавноста очекува да види дали конечно нашите судови ќе соберат храброст да го расчистат ова специфично, но исклучително важно правно прашање.