Судењето за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, ќе продолжи на 14 март откако во Основниот Кривичен суд Скопје денеска беа изведени докази од страна на одбраната.
На денешното рочиште бранителот на обвинетиот Даниел Станчев го претстави вештиот наод изготвен во врска со финансиите на Станчев и на друштвото „Инвока“, на кое тој е сопственик.
Претходно, сведочеше вештото лице од областа на информатичките технологии, Мирослав Котевски, кој беше директно и вкрстено испрашуван за изготвениот вешт наод.
Според Котевски, доказите на обвинителството имаат неколку извори од каде што се земени податоците и се креирани доказите. Според него, целата постапка не е извршена правилно, на форензички исправен начин, според постапките на дигиталната форензика.
Според обвинението, првообвинетиот Драги Рашковски не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.