Официјални лица во Мариупол, град во југоисточна Украина недалеку од границата со Русија, велат дека стравуваат од голем број жртви по повеќечасовното руско гранатирање.Заменик-градоначалникот Сергиј Орлов вели дека областа покрај реката, дом на околу 130.000 луѓе, вклучувајќи го и неговиот татко, е „речиси целосно уништена“.
-„Не можеме да го преброиме бројот на жртви таму, но веруваме дека најмалку стотици луѓе се мртви. Не можеме да одиме таму за да ги земеме телата“, изјави тој за Би-Би-Си во телефонско интервју.
„Руската армија овде го користи целото свое оружје – артилерија, повеќецевни ракетни фрлачи, авиони, ракети… тие се обидуваат да го уништат градот“, рече Орлов. Тој вели дека руските сили го опколиле градот од сите страни и дека се на неколку километри.
„Украинската армија е многу храбра и ќе продолжи да го брани градот, но Русите напаѓаат како пирати. Тие не се борат, тие едноставно уништуваат цели населби“, рече Орлов.