Повеќе од пет милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, соопшти Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР). Агенцијата на ОН со седиште во Женева денеска соопшти дека вкупниот број бегалци од Украина е 5.010.000. Повеќе од половина од нив, над 2,8 милиони, избегале во Полска, барем на почетокот.
Иако многумина останаа во Полска, не се знае колку луѓе заминале во други земји. Заминувањето на Украинците од земјата е забавено во последните недели во споредба со почетокот на војната. УНХЦР наведува дека повеќе од седум милиони луѓе биле раселени во внатрешноста на Украина, која пред војната имаше 44 милиони жители.
Украинците тврдат дека убиле 20.900 Руси
Украина информираше дека од почетокот на руската окупацијата, убиени се 20.900 руски војници. Ова се наведува во новиот извештај за руските загуби за време на инвазијата.
Украинците тврдат дека досега срушиле 171 авион, 150 хеликоптери, уништиле 815 тенкови, 2.087 оклопни транспортери, 391 артилериски систем, 136 повеќецевни ракетни фрлачи, осум бродови, 76 цистерни со гориво.
Овие информации не се потврдени од независен извор.
Оние кои не ѝ помагаат на Украина, ѝ помагаат на Русија
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба во бугарското народно собрание изјави дека оние кои денеска не ѝ помагаат на неговата земја, тие ѝ помагаат на Русија, јави дописникот на МИА од Софија.
Кулеба коментира дека е задоволен од средбите со министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска, со премиерот Петков и со претседателот Радев. Пред бугарскиот претседател, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика да се прекине со флоскулата за војна меѓу двата братски словенски народи и рече дека ако Киев е пријател со Москва, тогаш тие се како Каин и Авел.
Бугарија направила многу за бегалците од Украина
Според Кулеба, Бугарија направила многу за евроинтеграциите и за бегалците од Украина. Што се однесува до воено-техничката помош што Бугарија може да ѝ ја испрати на Украина – рече дека ја разбира внатрешно-политичката ситуација во земјата и додаде дека оваа одлука ја остава на бугарската влада.