Европската Унија замрзнува 1,7 милијарди долари помош за Украина, откако претседателот Володимир Зеленски одобри закон кој ги ограничува овластувањата на клучните антикорупциски институции во земјата погодена од војна, објави Њујорк тајмс.
ЕУ задржува повеќе од третина од средствата што биле наменети за наградување на Украина за исполнување стандарди за добро владеење, откако Зеленски ја потпиша контроверзната мерка минатата недела.
Новиот закон му дава поголема моќ на политички назначениот украински обвинител врз Националното антикорупциско биро (НАБУ) и врз Специјалното антикорупциско обвинителство (САПО).
Иако Зеленски веднаш презеде и други мерки за да обезбеди независност на овие агенции – поради бурните реакции и првите протести против неговата администрација од почетокот на војната – сè уште постојат сериозни сомнежи за неговата посветеност да се искорени корупцијата што со децении ја подрива Украина.
ЕУ го воспостави Фондот за Украина минатата година со цел да го поддржи закрепнувањето на земјата и нејзините подготовки за членство во Унијата, ветувајќи речиси 60 милијарди долари за наредните 3 години.
Но, Киев не ги исполнил критериумите на ЕУ, а европските претставници жестоко го критикуваа брзото носење на новиот закон минатата среда.
Одлуката на Унијата да замрзне дел од средствата не е конечна – тие можат да бидат повторно одобрени, доколку Украина ги исполни барањата, велат официјални лица.
Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјави дека Унијата е „сериозно загрижена“ од обидот на Украина да внесе политичко влијание во двете институции што треба да се борат со висока корупција.
НАБУ и САПО беа формирани по „Револуцијата на достоинството“ во 2014 година, кога новите власти ветија искоренување на системската корупција по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович.
Зеленски првично вети дека ќе ја продолжи борбата против корупцијата, но во последниве месеци сè повеќе ја критикуваше работата на НАБУ и САПО – особено кога започнаа истраги против луѓе блиски до него, вклучувајќи го и поранешниот вицепремиер Олексеј Чернишов.
Претседателот тврдеше дека е потребна построга контрола врз агенциите за да се отстранат „руски влијанија“ и да се објасни зошто некои случаи со години стојат без епилог.
Но, илјадници граѓани излегоа на улиците во Киев, барајќи независност за НАБУ и за САПО, предупредувајќи дека внатрешната корупција ја поткопува способноста на Украина да се брани од руската инвазија.
Меѓу меѓународните лидери што повикаа Зеленски да ја повлече мерката беше и британскиот премиер, Киер Стармер.