НАТО не верува во најавите на Русија дека ќе ги намали воените операции околу Киев и има информации дека не станува збор за повлекување, туку за прегрупирање, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
– Русите и претходно и сега пак нѐ лажат и ние не веруваме на зборови, туку само во дела – рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.
Тој посочи дека НАТО има разузнавачки информации дека руските војници не се повлекуваат, туку дека се прегрупираат, ги надополнуваат залихите и дека ја зајакнуваат офанзивата во регионот на Донбас.
– Истовремено, Русија го продолжува притисокот врз Киев и другите градови и очекуваме нови напади, кои ќе донесат уште повеќе страдања – рече генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг додаде и дека очекува бројни земји членки да одвојат повеќе од предвидените два отсто БДП за одбраната. Според него два отсто е минимум, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од 2014, НАТО бара од своите земји членки во нивниот буџет да одвојат два отсто од бруто домашниот производ за одбраната. Со години оваа цел макотрпно се постигнуваше, но со војната во Украина последните месеци земјите сојузнички драстично ги зголемија своите одбранбени буџети и речиси сите се на пат да ги постигнат зацртаните два отсто.
– Два отсто не е плафонот, туку е минимум, апсолутно е можно да се направи и повеќе, видовме дека повеќе сојузници најавија дека ќе одвојат повеќе од два отсто и врз основа на бројките од годишниот извештај, како и врз основа на најавите, апсолутно сум уверен дека големо мнозинство ќе постигне два отсто, и дека многу други ќе одвојат повеќе, сојузниците се движат во права насока, инвестираат повеќе од последните години во одбраната, ова е екстремно важно бидејќи живееме во поопасен свет – изјави генералниот секретар на НАТО.