„Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство. Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани“.
Вака изјави претедателот на здружението ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков од собирот пред споменикот на Јане Сандански во градот Мелник во Бугарија. Денеска се навршуваат 108 години од смртта на убиството на овој македонски револуционер и деец. На средбата дојдоа повеќе македонски организации од Бугарија, но и од Македонија и од соседна Албанија.
Стојков повика во овој историски момент Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет.
Истовремено Стојков побара македонската држава и македонските политичари да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура.
Стојков порача дека Македонците протестираат поради тоа што Бугарија ги негира македонската нација, идентитет, јазик, историја и култура и пробува да ги присвои, но и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.
– Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија – рече Стојков.
Освен ОМО Илинден Пирин, на собирот пред споменикот на Јане Сандански беа неколку здруженија на Македонците во Бугарија како и здруженија од Македонија меѓу кои НовАсном, а и делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски.
– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански – рече на почетокот од обраќањето Стерјовски.
Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права”.
-Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија, нагласи тој.
Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците”. Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој.
Според него, девизата на пиринскиот цар „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас.
– Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија – посочи Стерјовски, и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.
– Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства – порача Стерјовски.