Пратеничката Дафина Стојаноска по паузата на седницата во Собранието на сесијата пратенички прашања побара оставка од вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, откако претходно го обвини дека ѝ испраќал цинични бакнежи и намигнувања.
– Жалам што премиерот Ковачевски ја напушти салата за да сведочи за однесувањето на неговиот вицепремиер пред паузата. Собранието има доволен број камери за да го уловат однесувањето на Маричиќ за кое јас реагирав. Но тоа што го стори не може ниту еден демант да го избрише – рече Стојаноска од говорницата, а зад неа стоеја сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа повторно го запраша вице-премиерот Маричиќ како не му е срам, па уште преку медиуми да го демнатира тоа што го сторил.
– Вие најдовте да кажувате дека јас го нарушувам достоинството на собранието. Излезете тука и вие одговорете кој го нарушил, а не премиерот да ве брани. Вие сте срам за владата, срам сте за цела држава. Зошто сега не сте толку храбар да ми испратите некоја гримаса? Оставка да си поднесете и вие бидете еден од најхрабрите од целата влада што требаше досега тоа да го стори – му порача Стојаноска.
– Некој вака со вашата сопруга да се однесува да видам како ќе реагирате, дали писмени деманти ќе давате или ќе се соочите. Ова е срам за држава – рече Стојановска во својот говор и заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ остана на говорницата барајќи оставка од Маричиќ.
Откако заврши процедуралното обраќање на Стојаноска, другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата останаа на говорницата. Потпретседателот Мисовски неколку пати од нив побара да се вратат на нивните места, но тие не го сторија. Затоа Мисовски ја прекина седницата и предложи 15 минути пауза да се смират страстите.
Инаку по обвинувањето на Стојаноска веднаш реагираше владиниот функционер со демант на социјалните мрежи.
„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дафина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сè на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации. Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“, напиша Маричиќ на социјалните мрежи.
„Исфрустрираниот и сексуално загрозениот Бојан Маричиќ, простак и срам за целиот машки пол, денес упатуваше бакнежи од место кон пратеничката и моја драга колешка Дафина Стојаноска додека истата зборуваше на собраниската говорница. Барам премиерот веднаш да го разреши овој човек кој е недостоен да биде министер. Ова не смее да остане така затоа што овој примитивец е срам за машкиот пол, општествените вредности и Македонија!“, реагира преку социјалната мрежа на Фејсбук пратеникот Љупчо Пренџов.
Форум на жени СДСМ реагираше преку соопштение дека лагите на Стојаноска се спротивни на вредностите женското пратеничко лоби.
„Недозволиво е да се злоупотребува собраниската говорница за изнесување лаги, тоа граѓаните не го заслужуваат. Секојдневно ги слушаме лагите на Дафина Стојаноска кажани од собраниската говорница. Ваквото однесување на пратеничката која не штеди отровни зборови се спротивни на вредностите и заложбите на женското пратеничко лоби и не се во интерес на македонскиот парламент. Маричиќ бил и е борец за родова еднаквост, промотор на рамноправноста и силен поддржувач на македонските прогресивни и демократски политики“, напишаа од Форумот на жените на СДСМ.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, предизвика хаос во Собранието откако го обвини Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи и намигнувања од неговото пратеничко место.
– Како не вие срам, ужас сте. Нека ве сликаат како праќате бакнежи. Лигав еден. Вака може да се однесувате само дома, бакнежи и намигнување само дома вицепремиеру – почна да вика Стојановска од говорницата, по што настана метеж.