Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов упати повик до надлежните институции за отстранување на опасностите од мостот кај скопско Визбегово за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните кои со возила поминуваат под него.
– Стар и небезбеден мост, преку кој има голема фреквенција на сообраќај. Но, не е наша работа да испитуваме дали овој мост е безбеден и колку е безбеден, бидејќи информациите кои ги имаме зборуваат дека тој ќе биде срушен во следните неколку години. На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува повеќе од една година. Тоа се овие коцки (камени гранитни коцки од патот). Овие коцки, коишто се расфрлани овде, најверојатно излегуваат од самиот пат – изјави Ангелов, кој направи увид на местото.
Ангелов соопшти дека и покрај неговото укажување во повеќе наврати, коцките повторно се на самиот раб од мостот.
– Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине или да биде тешко повреден – рече Ангелов.
Од страна на Град Скопје или општин Бутел по нашата прва пријава, како што рече, веднаш беа преземени мерки и веднаш беше ставена ограда, која во „најмала рака“ ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто во меѓувреме го снема.
Ангелов порача претставници од Град Скопје и од Општина Бутел да се договорат кој е одговорен за мостот и да се реши овој проблем.