Директор на БЈБ Сашо Тасевски на домашна адреса има непријавена фирма за трговија со компјутерска технологија, обвини денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Тој рече дека тоа е уште еден сокриен семеен бизнис со адреса на избран и именуван владин функционер.
– Му го честитаме најновиот бизнис на директорот на БЈБ Сашо Тасевски, на чијашто адреса од неодамна има регистрирано компанија поврзана со информатичка технологија и компјутери. Очигледно, човекот има многу време, па покрај директорувањето со полицијата, со најважниот инструмент за спречување на криминалот и корупцијата, сега семејно ќе водат и бизнис – рече Стоилковски.
Тој посочи дека на 12 октомври лани, 2022 година на домашна адреса на Сашо Тасевски е регистрирано Друштво за трговија, услуги и производство СМАРТИОТ ДООЕЛ со ограничена одговорност на едно лице, чиј сопственик и управител е синот на Сашо Тасевски.
– Сашо Тасевски е должен да одговори, со што тоа семејно се занимаваат на домашна адреса, со што тргуваат, какви услуги се нудат и што произведуваат? Колкав бизнис е во прашање и кои се клиентите до сега? Дали и колку позицијата директор на БЈБ добро влијае при склопување на зделки на фирмата на неговата домашна адреса?
За блискоста на семејството Тасевски и до сега имало случаи и скандали за кои што на прашањата на прес конференциите останаа неодговорени, од тоа дали Тасевски семејно присуствувале на пукањето од автоматска пушка, до тоа дали Сашо Тасевски го сокрил синот во случајот напад врз полицаец во градски парк?
Не веруваме дека Сашо Тасевски ќе го остави синот да не успее како бизнисмен и дека нема да му помогне во развојот на фирмата на домашна адреса.
И како последно прашање за Тасевски денеска е, зошто за основањето на фирмата на домашна адреса не ја известил Државната комисија за спречување корупција? Тоа му е должност и обврска, а треба да е и пример за другите, особено по аферата „Тајни имоти” за неговите сопартијци – рече Стоилковски.