Актерот Стивен Сигал му го честиташе 70-тиот роденден на рускиот претседател Владимир Путин и му изрази поддршка на неговиот режим.
„Денес е роденден на претседателот Владимир Путин. Мислам дека сега живееме во многу, многу тешко време. Тој е еден од најголемите светски лидери и најдобрите претседатели досега. Се молам и се надевам дека ќе ја добие поддршката, љубовта и почитта што ја заслужува. Се надевам дека сите неволји што се случуваат во моментов ќе завршат наскоро и дека ќе живееме во свет на мир“, рече тој на 7 октомври, на роденденот на Путин.
Неговата роденденска честитка до рускиот претседател доаѓа шест месеци откако во Москва беше одржана вечера во чест на Сигал. На настанот, кој се одржа по повод 70-тиот роденден на Сигал, актерот им рече на гостите, меѓу кои имаше и луѓе кои беа ставени на списокот со санкции на ЕУ како одговор на инвазијата на Путин на Украина: „Вие сте моето семејство и моите пријатели. И јас ве сакам сите и стоиме заедно, во добро или во лошо“.
Долгогодишниот пријател на Путин доби руски пасош во 2016 година, а откако ја изрази својата поддршка за анексијата на Крим, во 2018 година стана специјален претставник на Русија во САД. Сигал и Путин беа фотографирани заедно во неколку наврати и се верува дека се поврзале поради заедничка љубов кон боречките вештини. Во 2021 година, актерот се приклучи на номинално опозициската политичка партија Само Русија за вистината, пишува Индекс.