More

    Ставовите на Иван Динев Иванов се редок исклучок

    spot_img

    Ставовите на бугарскиот професор Иван Динев Иванов и неговите извинувања се принципиелни и коректни, но бугарската официјална политика е „светлосни години“ оддалечена од нив. Неговата теза дека Македонците немаат причина да стравуваат од губење на националниот идентитет би биле точни доколку во Бугарија се води модерна, европска политика од 21. век, а не националистичка политика својствена за 19. или за 20. век.

    Вакви се коментарите на македонски јавни личности и аналитичари на настапот на универзитетскиот професор од Софија Динев Иванов во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5. Говорејќи за периодот меѓу двете светски војни тој од лично име се извини за жртвите на бугарскиот окупатор на овие простори.

    – Јас жалам за секој еден човек кој е убиен во Македонија, а такви има, и не само за тие кои се убиени во Македонија, туку и за тие кои се убиени во Грција, во Драмското востание. Јас во мое име кажувам дека жалам за секој еден човек. Дајте сега да погледнеме со други очи, еден кон друг, и да продолжиме напред – потенцираше Иванов, кој предава и на Универзитетот во Синсинати, САД.

    Македонци, не се бугаризирајте!

    Тој рече дека Македонците не треба да се плашат дека ќе го изгубат својот национален идентитет, односно дека ќе се „бугаризираат“.

    – Не се плашете браќа и сестри Македонци, нема начин да има бугаризација, нема такво нешто. Јас не сакам никого да бугаризирам, сакам да се обратам кон гледачите, ве молам не се бугаризирајте! На никаков начин, чувајте си го идентитетот: На Бугарија на Европската унија и на светот ви не сте им потребни како Бугари, туку како Македонци. Битно е да изградиме уште едно ниво на идентитет, европски идентитет. Така се модифицираат и францускиот и германскиот идентите, така сакаме да се модифицира и бугарскиот идентитет. Да се европеизираат. Затоа, ве молам браќа и сестри Македонци, европеизирајте се, не се бугаризирајте! – рече Иванов.

    Според него, македонскиот идентитет ќе биде позаштитен кога Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот. Тој потсети дека Бугарија секогаш бегала од барањето да се признаат Бугари во Македонија, поради нејзината идеја во позадина за „еден народ во две држави“, но сега конечно се откажала од таа идеја.

    – Во моментот кога тој амандман ќе се усвои, Бугарија нема веќе никакво морално или материјално право да ја враќа тезата за еден народ. И мислам дека тоа е правилно, зашто ние мораме да ја направиме таа дистинкција, за да одиме напред – рече Иванов.

    Чепреганов: Губењето на идентиетот е постепен, долг процес

    За професорот по историја Тодор Чепреганов не е точно дека македонскиот идентитет не може да биде загрозен.

    – Ако е така, зошто не престанат со барања за промени во учебниците, зошто ставаат вето на преговорите? – прашува Чепреганов.

    За него опасноста од губење на идентитетот на Македонците е реална, но тоа не е брз, туку постепен, незабележлив процес.

    – Земете го процесот од формирање на бугарската Егзархија од 1870 година до 1945 и тоа што го направи тој процес. Тоа е постепен процес, почнува со образованието, со менување учебници, со филување на историски факти, со пишување тоа што бараат и со генерации, тоа ќе се смени. Што ако мојот внук почне да учи дека Бугарите се ослободители, дека до 1944 година нивните предци биле Бугари, што мислите, нема ли да дојде некоја генерација која сето тоа ќе го материјализира? Благодарение на таа пропаганда што ја правеа Бугарите целиот овој период, ние сме во оваа ситуација – вели Чепреганов.

    Според професорот, би било голем гест на пријателство и соработка Бугарите, од официјално ниво да се извинат за жртвите од периодот на окупацијата.

    – Ако дојдат и да се извинат, тоа ќе биде гест на признавање на нацијата, јазикот и на културата. Сепак, не очекувам дека бугарската држава тоа ќе го направи, иако би сакал да грешам – вели Чепреганов.

    Боцевски: Важни се ставовите на Милков, не на Иванов

    И за поранешниот амбасадор и политички аналитичар Ивица Боцевски ставовите на Иванов се коректни, но за жал, тие се се наоѓаат на самата маргина на бугарскиот општествен дијалог.

    Боцевски: Главниот тек на општествениот дијалог во Бугарија е во сосем поинаков правец

     

    – Главниот тек на општествениот дијалог во Бугарија е во сосем поинаков правец и тој повеќе се отсликува во изјавите на актуелниот министер за надворешни Никола Милков, на пример, за кого не е спорно името на бугарскиот клуб „Борис Трети“ туку името на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. Да се брани ликот и делото на Цар Борис Трети, а да се напаѓа Тито како еден од најголемите тирани на 20 век, е вон секоја здрава логика. Ова го збогувам како човек кој во 2005 година ја иницира тогашната дебата за декларација за извинување кон жртвите на комунизмот и натамошната деконструкција на митовите од кумунистичкиот период во Македонија. Но, тие работи никако не ја намалува улогата на Тито во македонската, југоловенската и во светската историја. Разбирам дека во Бугарија има поинакви гледишта, но тие се погрешни и се последица на фактот што Бугарија не помина низ процес на катарза во поглед на нивното фашистичко минато и злоделата од Втората светска војна, како Германија на пример – вели Боцевски.

    Радев се поклонува на фашисти, а не пак да се извини за нивните злодела

    Според него, тоа е една од причините што очекувањето извинување од бугарската држава за жртвите од фашизмот во Втората светска војна е илузорно.

    – Во моментов имаме поголем проблем, зашто Радев на почетокот на годината се поклони на споменикот на жртвите на комунизмот, каде што се имињата на Филов, Габровски, Белев, коишто се архитекти на холокаустот на македонските Евреи. Значи, во делот на симболиката сме светлосни години далеку од такво извинување – вели Боцевски.

    За тезата дека Македонците не би требало да се плашат од губење на својот национален идентитет Боцевски вели дека нашиот страв од бугаризација произлегува од фактот што нашиот процес на европеизација е врзан со процесот на бугаризација на државата, онака како што Бугарија посакуваше.

    Малески: Вклучувањето на Бугарите во Уставот не е безопасно

    Професорот Денко Малески се согласува со Иванов дека нема опасност за македонскиот национален идентитет, но под некои услови.

    – Би рекол дека е така, доколку имаме доверба во себе и во својата нација и доколку знаеме во овие нови услови на отворена комуникација, на обединета Европа да ја браниме и да ја одбраниме својата национална идентификација. И доколку Софија би водела една европска, а не една националистичка политика од минатите времиња – вели тој.

    Малески не се согласува и со тезата дека внесувањето на Бугарите во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, иако самиот го поддржува усвојувањето на амандманите.

    Малески: Постои и опасноста Бугарите во Уставот во Македонија да бидат искористени како Тројански коњ за уривање на македонската нација

     

    – Не сум од тие кои мислат дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е подеднакво како и на останатите етнички заедници. Мислам дека тоа ја носи опасноста, од некоја националистичка влада во Бугарија, Бугарите во Уставот во Македонија да бидат искористени како Тројански коњ за уривање на македонската нација. Мислам дека кон тоа треба да гледаме со отворени очи. Ние треба да ја исполниме таа обврска, согласно Уставот, но треба да бидеме свесни за можните последици. Затоа е важно да имаме добри односи со Бугарија, во рамките на заедничката европска политика, а важен е и тој европски надзор, за опасностите од таа националистичка струја во Бугарија, која постои, иако на последниве избори не доби никаква поддршка – вели Малески.

    Коритаров одамна предлагаше извинување

    Професорот потсетува дека и пред Иванов имало јавни личности во Бугарија, како покојниот новинар Георги Коритаров, кои се залагаше за поинакво вреднување на бугарската историја. Има личности кои сметаа дека треба да има осуда за фашистичка колаборација од страна на бугарската држава во тие години и дека треба да има извинување од нивна страна.

    – Такви идеи има меѓу повеќе бугарските интелектуалци, со оглед на европскиот пристап кон нацизмот и окупацијата. И јас лично очекувам постепено тоа да се случи, прво од некои групи кои се залагаат за пријателство меѓу македонскиот и бугарскиот народ, на почетокот, а постепено и менување на државната политика на Бугарија. Тоа е она што очекувам да се случи во иднина – вели Денко Малески.

    ИВАНОВ: АКО ЗА 10 ГОДИНИ МАКЕДОНИЈА НЕ ВЛЕЗЕ ВО ЕУ, ЌЕ ИМАТЕ ЕКОНОМСКА „БУГАРИЗАЦИЈА“

    Реагирајќи на провокативните изрази на соговорникот Сотир Костов, („две червени“), за кои рече дека се говор на омраза, професорот Иванов потсети дека навистина во периодот на социјализмот Македонија како дел од СФР Југославија била економски понапредна.

    – Економски, Бугарија навистина беше посиромашна од Македонија. Кога јас дојдов овде пред 25 години македонскиот БДП по жител беше два пати поголем од бугарскиот. Сега бугарскиот БДП е 1,8 пати повисок од македонскиот. Ако Македонија за десет години не влезе во Европската Унија, тој ќе биде четири пати повисок, а тогаш ќе има економска бугаризација, а таа ќе биде многу тешка и болна за македонскиот народ. Јас, како човек кој има поврзаност со македонскиот народ, сакам тоа да не се случи, да си го зачувате идентитет и да одиме напред, со Македонија како членка, горда членка на Европската Унија – рече Иванов.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img