Во технолошко-индустриските развојни зони е регистрирана највисока економска активност во првиот квартал од годината и во однос на извозот и во однос на увозот, покажува редовната месечна анализа на ТИРЗ.
Според податоците од анализата, извозот достигна 851,6 милиони евра, што е пораст од речиси 10 отсто во однос на истиот период лани. На месечно ниво, вкупниот извоз од зоните во март достигна 263 милиони евра, што е за околу 2 отсто повеќе споредено со истиот период лани.
Увозот во првиот квартал од годинава достигна 744,6 милиони евра и е за 1,5 отсто повисок од истиот период лани.
Месечниот увоз во ТИРЗ во март е на ниво од 239 милиони и е на ниво од истиот период лани. Анализата покажува дека во третиот месец од годинава е регистрирано и повисоко ниво на нето извозот од 14,3 отсто.
Пораст е забележан и во бројот на вработени. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.512 граѓани што е за речиси 5 отсто повеќе во однос на истиот период лани, а споредено само со почетокот на годинава над 500 граѓани се вработиле во компаниите во ТИРЗ.
„Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што ТИРЗ во 2021 година постигна договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат вкупно 2.700 нови работни места. Анализата покажува и дека 90 проценти од компаниите во март имаат зголемени извозни активности споредено со март 2021 година, што укажува на стабилно производство и во период на глобални предизвици од воената агресија врз Украина, како и движењата на цените на енергетските пазари“, се наведува во анализата.