Бруто домашниот производ на Германија остана непроменет во вториот квартал, откако порасна за 0,8 отсто во првите три месеци од оваа година, при што рекордната инфлација влијаеше врз потрошувачите и индустријата, покажуваат прелиминарните официјални резултати.
„Светскиот економски контекст е тежок таму каде што економијата е погодена од пандемијата на Ковид-19, нарушените синџири на снабдување, зголемените цени и војната во Украина“, соопшти федералниот завод за статистика Дестатис.
Одделно, Агенцијата за вработување објави дека стапката на невработеност во Германија се зголемила во јули втор месец по ред поради „регистрацијата на украинските бегалци“ на пазарот на трудот.
Како што се наведува, невработеноста во јули пораснала за 5,4 отсто, што е за 0,1 процентен поен повеќе од јуни, покажуваат сезонски прилагодените податоци.
Членот на раководството на Агенцијата за труд Данијел Терзенбах оцени дека и покрај зголемувањето на бројот на невработени во последните два месеци и неизвесната клима, пазарот на трудот останува стабилен.
Невработеноста порасна во јули посилно од вообичаеното за тој период од годината, што се должи на регистрацијата на украинските бегалци кои бегаат од својата земја под напад на руската армија, додаде тој.
Германија прифати стотици илјади Украинци кои бегаат од војната од почетокот на руската инвазија во февруари. Новодојденците не најдоа веднаш работа што одговара на нивните квалификации.
Истовремено, на Германија и недостасува работна сила во сите сектори, а властите пресметале дека треба да се пополнат 881.000 позиции. Недостигот од персонал може да се забележи, на пример, на аеродромите, каде што се создаваат хаотични ситуации за патниците и се откажуваат илјадници летови.