Загрижени сме поради информациите дека групи на пратеници и министерот за економија Бектеши, изготвувале предлог текстови на Законот за работните односи и Законот за трговија со кои планираат да се уназадуваат и кратат работнички права во поглед да се озаконуваат незаконитостите, наспроти очекувањата на работниците и ССМ за доследно да се почитуваат Законот за трговија и Законот за работните односи во делот на законските измени за недела – неработен ден, односно ден за неделен одмор и да не се озаконуваат незаконитостите, порачаа од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
„Најавените предлог Закони со самото тоа што веќе се доставени до Собранието, тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво. Притоа, потсетуваме дека со законските измени, Сојузот на синдикатите на Македонија и социјалните партнери обезбедија можност неопходните дејности кои нагласуваме дека заеднички ги утврдивме во исклучоците да имаат можност да работат во недела но за тоа да платат додаток на плата за најмалку 50 до 100%“, се вели во соопштението на ССМ.
Од синдикалната организација сметаат дека ваквите чекори го уназадуваат социјалниот дијалог во Државата и го миноризираат Економско социјалниот совет и договорите помеѓу работниците, работодавачите и Владата и на таквиот начин го оневозможуваат правото на најзасегнатите страни да учествуваат во социјалниот дијалог преку кој во изминатиот период се донесоа многу значајни решенија за сите.
„Не смее да се дозволи за овие важни прашања да се елиминираат ставовите и улогата на социјалните партнери, што ќе значи и немање на социјален дијалог во државата што не е од интерес на ниту една страна или чинител во општеството.
„Бараме итна средба на Економско социјалниот совет на која како единствена точка ќе се разгледува ова важно прашање“, се додава во соопштението.