Кардиоваскуларните заболувања се тивок убиец кој секојдневно однесува животи во Македонија. Според најновите статистики, секој ден просечно 25 лица ја губат битката со срцевите болести. Меѓутоа, современата медицина нуди надеж. Една од нив е Славица, која откако се подложила на криоаблација, повторно ужива во животот во полни гради.
Аритмиите со кои се соочувала Славица, ја ограничувале во секојдневните активности. Палпитациите и чувството на нередовно чукање на срцето ја правеле несигурна и уплашена. Сепак, откако се обратила на кардиолог и се подложила на криоаблација, нејзиниот живот се променил драстично, објави Сител.
– 100 посто ми се подобри животот, сама функционирам и ништо не чуствувам – со радост вели Славица.
Д-р Талески, кардиологот кој ја извршил интервенцијата, потврдува дека криоаблацијата е многу успешна метода во лекувањето на аритмии.
– Првата година е клучнa за да се спречи повторна појава на аритмија, а долгорочно се намалуваат ризиците од сериозни компликации – објаснува д-р Талески.
На Светскиот ден на срцето, приказната на Славица е потсетник дека современата медицина нуди ефективни решенија за кардиоваскуларните заболувања. Важно е да се истакне дека раната дијагностика и соодветната терапија можат да спасат животи. Затоа, се препорачува редовно да се вршат медицински прегледи и да се обратите на лекар при појава на какви било сомнителни симптоми.
Модифицирачки фактори за срцеви заболувања се пушењето, високиот крвен притисок, високиот холестерол, дијабетесот, прекумерната тежина, физичката неактивност, нездравата исхрана, стресот и алкохолот.