Неправилно функционирање на срцето, воспаление на срцевата марамица и мускулите, болки во зглобовите, главоболка, замор, се само некои од симптомите кои можат да се појават по прележан ковид-19. Без разлика на тежината на клиничката слика, како и на возраста, постковидот може да трае еден месец, три месеци, шест месеци, па дури и до една година.
Меѓу пациентите кои се жалат на „продолжен ковид“ во одреден број има и работно активно население, на возраст помеѓу 35 и 45 години, кај кои болеста трае и по неколку недели.
Официјално, вирусот во организмот се задржува од 7 до 10 дена. Иако претходно се сметаше дека овој период е подолг, со мутацијата на коронавирусот дојде и до промена на должината на нејзиниот опстанок. За седум дена, очигледно, ковидот може да предизвика низа здравствени проблеми, па лекарите апелираат на редовни контроли и постепено враќање на регуларните физички активности.
Имено, како што пишува „Политико“, се проценува дека 1,7 милиони луѓе во Велика Британија имаат долг ковид, а пациентите бараат дополнителни истражувања и поддршка.
„Речиси половина од оние кои пријавуваат симптоми подолго од четири недели страдаат повеќе од една година. Најчестите симптоми се замор, магла во мозокот, недостаток на здив и болки во мускулите. Меѓутоа, сега постојат околу 200 познати симптоми кои влијаат на речиси секој орган во телото“, вели Брендан Дилејни, од Империал колеџ во Лондон“, пишува „Политико“.
Она што секако привлекува внимание е дека повеќето од оние кои страдаат од долготраен ковид се на врвот на својот живот и кариера – на возраст помеѓу 35 и 49 години, пишува „Политико“.
Срцето укажува на појава на постковид
Иако белите дробови се централниот орган што го напаѓа ковид-19, вирусот сепак може да ги нападне срцето, црниот дроб и бубрезите. Што се однесува до постковидот, срцето алармира дека проблемот настанал, па лекарите апелираат на редовни контроли.
Проф. д-р Предраг Митровиќ, кардиолог на Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија, во интервју за „Блиц“ објаснува дека ковид-19 е специфична инфекција и без разлика за каква форма станува збор, може да се појавуваат воспаленија и на другите органи, на срцето, како и на црниот дроб, бубрезите, нервите, па затоа вирусот може да ги нападне сите органи.
– Кога е во прашање срцето, може да се појави аритмија, нарушување на ритамот, забрзано чукање на срцето, воспаление на срцевиот мускул, воспаление на срцевата марамица… Специфично е тоа што пациентите се јавуваат кога ќе почувствуваат силна слабост или ако чувствуваат неправилно чукање на срцето. Затоа, пациентите ги советуваме по прележан ковид да мируваат барем 40 дена, односно постепено да се изложуваат на физички напор. На некои пациенти им се советува да мируваат и до три месеци. Она што се случува кај одреден број луѓе кои имале постковид синдром, а тоа се 10 отсто, проблемите може да продолжат и по тој еден месец, до три месеци од прележувањето на коронавирусот – објаснува професорот Митровиќ.
Постковидот може да трае од шест месеци до една година
Како што коронавирусот покажа дека делува индивидуално, така е и со постковидот. На пример, има примери на прележан ковид без никакви последици потоа, додека од друга страна, постојат и такви кои се чувствуваат малаксано и имаат проблем со срцевиот ритам и по неколку месеци.
– Постковидот кај некои луѓе може да се продолжи и до шест месеци, па и до една година, но сè уште не се знае прецизно. Мораме да бидеме свесни дека сѐ уште се прават истражувања и не знаеме што ќе се случи по две, три години од прележениот коронавирус. Секако, мора да бидеме внимателни и доколку не се лекуваме од срцеви заболувања, секогаш треба да правиме контрола, особено ако се појави некој симптом. Значи, ако некој чувствува ненадеен замор, ако срцето забрзано ви работи, потребно е да се јавите кај кардиолог – вели професорот Митровиќ.